Македонија
27. April 2017 - 13:44

Средба на Груевски со Амон и Реинер од австриската народна партија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска се сретна генералниот секретар на владејачката австриска народна партија, Вернер Амон, и директорката за европски и надворешни работи на австриската народна партија, Моника Реинер.

На средбата, соопшти ВМРО-ДПМНЕ, стана збор за актуелната политичка состојба во државата, аспектите и начините за излез од неа, како и регионалните предизвици поврзани со бегалската криза и улогата на Македонија во нејзиното надминување.

Груевски рекол дека на Македонија и е потребен брз излез од кризата, а единственото ефикасно и брзо решение е организирање предвремени парламентарни избори, заедно со редовните локални избори.

- Груевски посочи дека изборите се и решение за изборната измама која ја наметнува опозицијата, која со цел да дојде на власт по скоро одржаните избори прифати и одобри тиранска платформа, создадена во соседна држава, под покровителство на премиер од друга држава со многу спорни елементи за опстојувањето и задржувањето на унитарниот и граѓански карактер на Република Македонија, се вели во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, како што рекол Груевски според соопштението, во Парламентот го користат максимумот од она што Деловникот и законот го дозволуваат и низ законска дебата со аргументи се спротивставува на прифатеното од страна на СДС.

Во поглед на мигрантската криза Груевски посочи дека предизвикот останува и оти Македонија досега активно учествуваше во нејзино справување. За уште поголема ефикасност, посочил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, потребна е стабилна влада и излез од кризата, а изборите се најдоброто решение за тоа.

Стратешки приоритети на Македонија, потенцирал Груевски, остануваат членството во ЕУ и НАТО алијансата.

На средбата присуствуваше и секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.