Македонија
3. October 2016 - 14:14

Средба на претседателот на СДСМ Заев со координаторот на ОБСЕ за изборите Батели

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска се сретна со делегација на ОБСЕ, предводена од  потпретседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ за Југоисточна Европа и специјален координатор на ОБСЕ за предвремените парламентарни избори на 11 декември во Македонија, Роберто Батели. 

СДСМ по средбата соопшти дека Батели порачал оти изборите во декември мора да бидат регуларни и дека на Европа и е потребна стабилна Македонија. Најавил силна посветеност на мониторинг мисијата на ОБСЕ во земјава на организацијата и спроведувањето на изборниот процес.

Заев, како што наведува СДСМ, се заблагодарил на мисијата на ОБСЕ за придонесот на организацијата во развојот на демократските процеси во земјава и оценил дека мониторите на ОБСЕ се охрабрување за граѓаните за фер предизборен и изборен процес.

- СДСМ е дел од техничката Влада за да ги заштити граѓаните од какви било притисоци и злоупотреби од страна на власта и во декември мора да одлучи слободната волја на граѓаните, се вели во соопштението.