Македонија
9. November 2017 - 19:13

Средба на сите засегнати страни околу изградбата на мини хидроцентрала во Демир Капија

 Засегнатите страни околу изградбата на мини хидроцентрала на реката Дошница денеска одржаа средба во просториите на општина Демир Капија, откако екологисти, демиркапијци и жители на демиркапиското село Чифлик реагираа дека нема да дозволат градба на хидроцентрала. Објектот е предвидено да се гради по пат на јавно приватно партнерство. 
 
- Прво инвеститорот даде изјаснување за својот проект што и како планира да прави, на тоа ние го дадовме нашето мислење каде категорично јасно и гласно му дадовме на знаење дека овој проект нема да помине и дека ние до крај со сите сили ќе се бориме тоа да се спречи. Заради многубројни причини, меѓу кои е и најважната, стравот за нашата вода за пиење. Од таму доаѓа водата за пиење за село Чифлик, поточно бунарот се наоѓа во непосредна близина на самата река. Доколку таа вода се одземе, нема да има вода за пиење, рече Душко Ѓорѓиев од „Еко Чифлик”.
 
Нагласи дека упатиле порака таков проект во Чифлик да не се реализира. 
 
-Ние ќе се спротивставиме до последен жител, демонстративно ја напуштивме седницата откако го кажавме сево ова. Првично ќе одиме по правен пат, поднесовме барање до општина Демир Капија да се ревидира проектот односно да се прекине и да се одземе одобрението за градба. Тоа ќе значи привремено запирање на отпочнување на самата изградба, информираше тој. 
 
Најави дека ќе следат низа барања и жалби до судот за раскинување на договорот за јавно приватно партнерство и ревизија на целокупниот проект.
 
Демиркапискиот градоначалник Лазар Петров соопшти дека на состанокот се расправало за повеќе аспекти за изградба на таа нова хидроцентрала. 
 
-Имаше повикано повеќе стручни лица но и граѓани кои се засегнати од таа хидроцентрала. Притоа стручните лица го кажаа нивното за изградбата на нова хидроцентрала а исто така засегнатите граѓани кои се жители на таа викенд населба, го кажаа своето мислење околу изградбата на таа хидроцентрала. На крај заклучивме дека пред да се дадат овие дозволи бидејќи претходно не била направена никаква јавна расправа, а фали, да се организира таква расправа. Повеќе засегнати субјекти да бидат присутни на неа, меѓу кои и стручни лица 
кои ја знаат оваа проблематика, рече новоизбраниот градоначалник.
 
Додаде дека ова е прв организационен состанок. Незадоволните од изградбата нагласуваат дека за нив се најважни флората и фауната низ течението на оваа прекрасна река која значи живот не само за жителите на село Чифлик туку и за цела општина Демир Капија.
 
Договорот за јавно приватно партнерство бил потпишан во време кога постоеше „Водостопанство Тиквеш”  како посебен правен субјект.  Сега тоа е подружница во новоформираното АД Водостопантво на Македонија во државна сопственост Скопје.  Новиот директор на подружницата во Кавадарци Ристе Манев рече дека ќе ја разгледаат целокупната документација од изминатиот период, а ќе ги имаат во предвид и барањата на населението. Нагласи дека тие како подружница би имале бенефит од овој проект, но дека на скалата на приоритети се најважни водоснабдувањето, па наводнувањето и дури на крај производството на електрична енергија.