Македонија
9. July 2018 - 14:36

Средби меѓу полицијата и жителите на Форино, Чегране и Чајле

Претставници на месните заедници од три гостиварски села Чегране, Форино и Чајле и полицијата, викендов имале средби на кои биле дискутирани заштитата од провални кражби и пукањето на свадбени и други семејни веселби.

Во рамките на проектот „Превенција од тешки кражби", и други планирани активности од областа на јавниот ред и мир на СВР Тетово, полициски службеници одблизу ги запознале претставниците на трите месни заедници и граѓаните како да се заштитат од провални кражби во нивните куќи и како да постапат доколку забележат движење на сомнителни лица, особено во вечерните часови.

- На средбите станало збор и за претстојното доаѓање на времено вработените во странство и организирањето на свадбени и други семејни свечености. Во разговорите е нагласена и потребата да им се укаже на организаторите на вакви свечености поединци да се воздржат од пукање со огнено оружје и од неовластено приредување на огномети, кое претставува законски прекршок, но и кривично дело, зависно од околностите и крајните последици, вели портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Тој потенцира дека вакви состаноци со раководствата на урбаните и месни заедници од тетовско-гостиварското подрачје, се предвидени и во наредните денови, а нивната цел е да спречат можни несакани појави и проблеми од безбедносна природа и карактер.