Свет
27. јуни 2016 - 17:14

Столтенберг: Важноста на НАТО уште повеќе се засилува по одлуката за Брегзит

Првиот дипломат на САД и шефот на НАТО, Џон Кери и Јанс Столтенберг, денеска во Брисел изјавија дека воениот сојуз стана уште поважен по одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ, јави БТА. 

Државниот секретар на САД, Џон Кери, истакна дека во иднина очекува „уште посилен НАТО“, и додаде дека Алијансата е „носител на јасноста во време на несигурност во Европа“. 

-Референдумот во Велика Британија го прави воениот сојуз уште поважен за одбраната и координацијата во областа на безбедноста меѓу европските сојузници, нагласи генералниот секретар на НАТО, Јанс Столтенберг.

На денешната средба, што се одржа во седиштето на НАТО во Брисел, Кери и Столтенберг изјавија дека, Алијансата се движи по редовен распоред, пред средбата на врвот на 8-9 јули во Варшава. 

Подоцна Кери ќе се сретне со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерени. 

Потоа тој ќе отпатува за Лондон на средба со британскиот премиер во оставка Дејвид Камерон и министерот за надворешна политика на Велика Британија Филип Хамонд.