Македонија
5. September 2024 - 16:47

Стопанската комора се откажа од барањето за одложување на Законот за нефер трговија

Сојузот на стопански комори со ново писмо до премиерот Христијан Мицоски бара да не се зема предвид претходното барање за одложување на примената на Законот за нефер трговски практики. Законот е добар и тој треба да почне да се применува како што беше предвидено, пред крајот на септември, сметаат македонските компании кои како и граѓаните исто така се жртви на големите ланци на супермаркети.

 Во писмото до кое дојде Сител преку Стопанската комора се вели дека претходното барање било став само на одредена групација во комората и се бара премиерот да не го зема предвид. 

„Дополнителната анализа и консултација со домашните производители на прехранбени производи покажа дека тие го поддржуваат законот и сметаат дека на овој начин ќе се постигне целта. Од тие причини бараме барањето адресирано до Премиерот да биде повлечено  со образложение дека тоа не е усогласен став на сите чинители опфатени со законот“ – се вели меѓу другото во писмото кое Азески му го испратил на Мицкоски. 

Со тоа Стопанската комора и официјално се повлекува од претходното барање водено главно од сопствениците на големите супермаркети кои се противат на тоа што примената на законот ќе им ја укине можноста врз грбот на граѓаните да трупаат профити и да држат цени кои се највисоки во Европа. 

„Ние како регионална комора, имајќи предвид дека поголемиот дел од нашите членки се производители во целост го поздравуваме носењето на овој закон и се надеваме на убава и успешна имплементација на овој закон“ - изјави Никола Мариновски – Претседател на Регионална стопанска комора Прилеп

Дека воведувањето на новиот закон ќе ги спушти цените во супермаркетите се согласува и заменик министерот за економија

„Мислиме дека крајниот ефект на реализацијата и имплеметацијата на овој закон ќе се одрази и врз цената на производите и најголем ефект ќе имаат крајните потрошувачи односно граѓаните на РМ“ - изјави Марјан Ристески – заменик министер за економија

Законот за забрана на нефер трговски практики се донесе во март, а треба да почне да се примнува пред крајот на месецов. Со него се очекува намалување на цените на прехранбените производи. Паралелно се состави и листа со над 2.500 производи чии маржи не треба да бидат поголеми од 10 отсто. Во моментов во македонските ланци на супермаркети трупаат маржи кои за некои производи надминуваат и 100%. Добавувачите се условуваат да плаќаат за рекламен простор во маркетите што го зголемува нивните трошоци а со тоа и крајните цени на производите. 

Во услови во кои плаќаме најскапо во регионот, лани петте најголеми ланци на супермаркети заедно, дневно правеле по речиси 100.000 евра профит па за 12 месеци заработиле неверојатни  35 милиони евра.