Македонија
24. October 2024 - 17:19

Струмица и Карпош најавија излегување од ЗЕЛС

Градоначалникот на Струмица се откажува од членството на ЗЕЛС. Оваа одлука Костадинов ја соопшти на социјалните мрежи поради како што вели одбивањето од Владата да финансира во единствениот предложен проект од нивната општина. Градоначалникот вели револтот е  поради индиферентниот однос на централната власт кон струмичани додека се соочуваат со еден од најголемите проблеми а тоа е водата за пиење. Реагира дека ЗЕЛС како тело не ги брани интересите на своите членови пред Владата.

Досега од појавувањето на проблемот со водата од 27.09.2024 година, ЗЕЛС не покажа апсолутно никаков интерес, иако е сведок дека надлежните државни институции, пред се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство под чија надлежност е браната Турија од која Струмица и 6 населени места се снабдуваат со вода за пиење, не мрдна со малиот прст, напротив, преку Агенцијата за храна и ветерина со анализите и резултатите од нив, си игра мајтап со струмичани. Ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права и уставните права и слободи.

На неговата одлука со поддршка се приклучи Општина Карпош од каде исто така размислуваат да излезат од ЗЕЛС.  Градоначалникот Јакимовски реагира дека и тој трпел големи притисоцци од министри кои му правеле опструкции, му поднесувале пријави и му крателе средства.

ЗЕЛС до сега не добиле официјален допис од општините дека сакаат да ја напуштат заедницата но како што вели претседателот за тоа треба одлука на советот на општините. Ѓорѓиевски ги повика на разум и ги покани на разговор иако волја имало само од градоначалникот на Карпош не и од Струмица.

Секоја најава за нарушување на единството на ЗЕЛС им штети на општините и на граѓаните  смета министерот за локална самоуправа кој оцени дека ваквите политизирани потези  не се решение.