Македонија
23. March 2017 - 18:19

Струмица ја спроведува акцијата „За чиста струмичка пролет“

Од 21 март до 23 април јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ и општина Струмица ја спроведуваат традиционалната акција за генерално чистење на градот и населените места, која годинава се спроведува под мотото „За чиста струмичка пролет“.

Според директорот на „Комуналец“ Зоран Ѓоргиев, целта на акцијата е општина Струмица да го сочува епитетот за чиста средина и раззеленета општина.

- „Комуналец“ веќе почна со своите активности уште на 21 март и понатаму ќе продолжиме. Ја користам приликата да ги повикаме сите граѓани да учествуваат во акцијата, невладините организации, граѓански здруженија кои се од областа на екологијата, но и останатите, исто така ги повикувам и стопанските и правните субјекти да учествуваат и да ни помогнат, рече Ѓоргиев.

Тој ги повика правните субјекти кои се претежно во градежниот дел и кои располагаат со соодветна механизација и возила да се вклучат за, како што рече, побрзо, поуспешно и поефикасно да ја завршат акцијата.

Раководителот на работната единица „Чистота“ Бранко Горѓиев информираше за динамиката според која ќе се спроведува акцијата.

- За постигнување на што подобри ефекти се договоривме првиот ден, на 26 март акцијата да почне од населбите Карпош и Чифлик. Тоа значи в недела ги повикуваме сите граѓани од овој дел на градот да учествуваат во акцијата во која јавното комунално претпријатие „Комуналец“ ќе работи на генерално чистење, како на сите улици и уредување на зелените површини. Граѓаните ќе треба само својот отпад од подрумските простории, дворните места и стариот мебел што го имаат да го извадат пред своите куќни места и да се јават на телефонскиот број 034/325-909 и веднаш уште истиот ден отпадот ќе биде подигнат, рече Горѓиев.

На 2 април акцијата ќе продолжи во деловите на градот каде отпадот се собира во вторник и петок, односно тоа се деловите покрај транзитниот пат, булеварот и улицата „Маршал Тито“ и долж се до рудникот и третиот реон, кој што ќе биде опфатен на 9 април ќе биде во горниот дел на градот каде отпадот се подига во вторник и четврток.

Надлежните институции порачаа дека на време ќе ги информираат граѓаните за текот на акцијата.