Македонија
26. April 2024 - 16:31

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко не се појави на суд

Одложена главната расправа против струшкиот градоначалник.  Мерко денеска не седна на обвинителна клупа во струшкиот суд каде ќе одговара за злоупотреба на службена положба и овластување при набавката на службеното луксузно возило „Ауди А6“,во судница не се појави ни неговиот бранител.Адвокат Игор Петкоски во телефонски разговор истакна дека поради немање на доказен материјал и увид во списите на предметот побарано било одлагање .

Основното јавно обвинителство  за гонење на организиран криминал и корупција на 01 март годинава, поднесе обвинение „злоупотреба на службена положба“ со набавка на  автомобил вреден 67 илјади евра на трошок на Општината.

Во Основниот суд Струга наизменично ќе се водат два судски процеси против градоначалникот Мерко.

Еден месец подоцна на 22 мај градоначалник треба да се појави во судот, но за друго обвинение.

Одговара дека несовесно работел и го прекршил законот со тоа што поставил несоодветен в.д директор на училиште во селото Лабуништа.

Мерко летоска беше ставен на американската црна листа, не само за вмешаност во корупција туку и за влијание врз судски и други процеси. Според информациите од обвинителството за него имаат десетина активни истраги и предистраги. Дел од предметите застареа поради измените на Кривичниот законик. Рочиштето за струшкиот градоначалник за набавка на луксузното ауди е одложено за 3 јуни.