Студенти од ФИНКИ ќе му помагаат на МОН во унапредување на дигиталното работење
Студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) ќе му помагаат на Министерството за образование и наука во унапредување на дигиталното работење и забрзување на процесот на дигитализација на образованието, за што денеска Меморандум за соработка потпишаа министерката Весна Јаневска и деканот на ФИНКИ Боро Јакимовски.
Под менторство на нивните професори, студентите ќе помагаат во тековното одржување на дел од информациските системи и дигитални платформи со кои располага МОН и ќе учествуваат во креирање и имплементација на нови техничко-технолошки решенија и дигитални услуги во воспитно-образовниот процес.
-Согласно договореното, дополнително факултетот ќе организира и спроведува едукативни активности во форма на обуки, работилници и семинари за стручно усовршување на вработените во министерството. Од друга страна, МОН ќе поддржи практично усовршување на студентите од овој факултет. Предвидени се и заеднички стручни и научни истражувања и анализи, како и организација на хакатони и натпревари за младите во информатичко-комуникациската сфера, рече Јаневска на прес-конференција на која беше соопштена оваа соработка на МОН и ФИНКИ.
Таа посочи дека со вклучувањето на студентите значително ќе се подигне ефикасноста и ефективноста на работењето и на министерството и на факултетот, што ќе биде во интерес на граѓаните. Ги повика и другите јавни институции и високообразовни установи да иницираат ваков тип соработка.
-Да им дадеме можност на младите да се докажуваат и практично да се надградуваат уште додека студираат и со тоа да им го поедноставиме настапот на пазарот на труд по дипломирањето, додаде Јаневска.
Посочи дека МОН, како и целата администрација во државата, има потреба од поддршка во ИТ-сферата. Како што рече, МОН има многу вработени, но нема капацитет за да може да ги извршува своите секојдневни потреби и да ги испорача услугите кон граѓаните односно училиштата и другите образовни установи, особено во ера на неопходна дигитализација на општеството.
Студентите нема да добиваат паричен надомест, туку активностите ќе бидат во рамки на нивната пракса која, рече Јаневска, генерално е мала на сите факултети и практичниот дел од едукцијата ќе треба да се зајакне преку ваков тип заемна корист.
Деканот на ФИНКИ Боро Јакимовски рече дека нивниот факултет и досега му помагал на МОН, но отсега во активностите ќе бидат вклучени и студентите за кои, како што рече, убеден е дека имаат потенцијал не само да препознаваат, туку да креираат решенија за сложени предизвици во ИТ-сферата.
-Меморандумот што го потпишавме претставува многу важен чекор во продлабочување на активностите што и досега ги имаа ФИНКИ и МОН. Горди сме на нашите талентирани студенти кои се особено мотивирани и иновациски настроени и сметам дека нивниот капацитет може многу повеќе да се искористи во поддршката на Министерството и, секако, на другите државни инстутуции со коишто веќе отпочнавме циклус на потпишување на слични меморандуми. Студентите ќе имаат можност да ја надградат својата практична работа, да се соочат со реални проблеми коишто дел од нив досега беа повеќето во индустријата. Но сега и јавниот сектор е, исто така, предизвик каде што има можност да се изнајдат многу соодветни и иновативни решенија за кои нашите студенти се подготвени, рече Јакимовски.
На новинарско прашање дали е одблокиран процесот за изградба на објектите за ФИНКИ и за Факултет за физичка култура, кои од пред осум години почнаа да се градат во близина на Ректоратот на УКИМ, министерката Јаневска одговори дека процедурата е во тек.
-Она што со сигурност можам да го кажам е дека зградата на ФИНКИ во овој мандат ќе биде изградена, рече министерката за образование и наука.
Ново на Сител
-
Папата повеќе не е во непосредна опасност, но останува во болница
-
Пожар меѓу селата Моштица и Саса
-
Ѓорческа успешно ги мина квалификациите на турнирот во Унгарија
-
Пронајден починат маж во Свети Николе во куќа каде неовластено живеел
-
Возач во Аеродром удрил 15-годишно девојче и побегнал
-
Судски совет за в.д. претседател на Врховен суд го определи судијата Џемали Саити
-
ССМ најавува протести доколку Владата не ги зголеми платите
-
Утврден идентитетот на жртвите во сообраќајката кај Битола