Македонија
6. October 2024 - 16:33

Таравари за смртта на 14 месечното бебе - Лична одговорност мора да има!

Лична одговорност мора да има порача министерот за здравство откако вчера во утринските часови почина 14 месечно бебе на Клиниката за детски болести. Таравари побара да не очекува никој од него да суди туку надлежните институции да го испитаат случајот детално и да се утврди дали и кој ќе одговара кога има вакви трагични настани во системот. Вели дека овие два дена е детално информиран за се што се случувало, како и за револтот на родителите дека неколку пати ги враќале од Детска наместо девојчето да биде хоспитализирано .

-Да, вратено било за жал. Дали по грешка или незнаење, треба да се констатира. Несакам јас да бидам судијата што ќе кажува. Затоа, утре со Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе формираме стручна комисија и веднаш да постапат , да ги земат сите детали во предвид и да се донесе одлука. Меѓутоа, лична одговорност мора да има, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

Бебето почина неполн час по приемот на Детска каде било донесено во многу тешка состојба и со ниска сатурација. Обдукцијата е готова но на Судска во тек се дополнителни анализи за да има конечен извештај.

Ова е втор трагичен случај за една недела во здравствените установи. Стручен надзор има и за смртта на 31 годишната родилка која почина за време на породувањето во кумановската болница а новороденчето се уште е на респиратор на Детска клиника.

Освен стручната комисија Државниот санитарен и здравствен инспекторат утре ќе прави вонреден надзор во Козле каде прво било примено бебето како и во Детска и тоа во присуство на одговорните лица и лекарите кои учествувале во третманот. Минатата недела надзор имаа и во кумановската болница.