Бизнис
12. February 2018 - 10:16

ТАВ ќе инвестира 45 милиони евра во проекти во Македонија

Утврдени се приоритетите за инвестицијата од 45 милиони евра во Македонија на ТАВ согласно концесискиот договор за македонските аеродроми, на денешната средба на македонскиот премиер Зоран Заев со претставници на Групацијата ТАВ, главниот менаџер, Мустафа Сани Шенер, заменик менаџерот Серкан Каптан и генералниот менаџер на ТАВ Македонија, Алп Ер Тунга Ерсој.

Парите ќе бидат вложени во значајни проекти за граѓаните на нашата држава, соопшти по средбата владината прес-служба.

- Станува збор за инвестиции во градинки, училишта, одводни и канализациски мрежи и локални и регионални патишта, она што им е реално потребно на нашите граѓани. И јас сум искрено задоволен што од оваа инвестиција директна полза ќе почувствуваат граѓаните на Република Македонија, рекол на средбата премиерот Заев, кој од вчера престојува во посета на Турција.

Заев и ТАВ

Претставнците на ТАВ истакнале дека има договор и оти со задоволство ќе го реализираат, истовремено изразувајќи  благодарност за добрата соработка со премиерот и новата Влада и поддршка во заложбите за развој на земјата.

- Со самото тоа што посетата на Република Турција ја започнавме синоќа, веднаш по доаѓањето, со вечера со турските бизнисмени, покажуваме дека сме силно определени да ја интензивираме добрата економска соработка меѓу двете држави, навел премиерот Заев на средбата.

Премиерот Заев и делегацијата од Македонија по средбата со претставниците од ТАВ го посетија Мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк, каде положи венец и се потпиша во Спомен книгата.

Следуваат средбите со владино-државниот врв во рамки на официјалната посета на премиерот Зоран Заев на Република Турција.

Заев ќе се сретне со неговиот домаќин, премиерот Бинали Јилдирим, претседателот на Собранието на Турција Исмаил Кахраман и со претседателот Реџеп Таип Ердоган. 

Официјалната посета на македонскиот премиер на Турција почна синоќа со обраќање пред претставниците на ТОББ, Сојузот на стопански комори и берзи на Република Турција.

Заев во Турција е придружуван од министерот без ресор задолжен за странски инвестиции Аднан Ќахил, пратениците во Собранието на Република Македонија Енес Ибраими и Јусуф Хасан и државниот секретар во МНР Виктор Димовски.