Тевдовски: Активно работиме за поврзување на домашни и странски фирми
Транспарентниот и чесен пристап на Владата, како и приближувањето кон НАТО ќе донесе дополнителни странски инвестиции во земјава. Активно се работи на проект за поврзување на домашни и странски компании од автомобилската индустрија, со што ќе се обезбеди повеќе работа и за домашните фирми.
Ова во интервју за Гласот на Америка го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, кој заедно со гувернерот на Народната банка Димитар Богов ја предводи делегацијата која учествува на Годишните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон.
- Нашиот пристап е да имаме транспарентен однос со инвеститорите, да поставиме чист терен за игра. Инвеститорите ќе знаат точно со што се соочуваат. Нема да има никаков простор за работи на страна, корупција или слично. Тоа е добро и ќе донесе дополнителни странски инвестиции. Исто што е многу важно и што е наш приоритет е да работиме на поврзување на домашните компании со странските инвеститори, тоа сериозно отсуствуваше изминатите години. Во моментот преку проект на ИФЦ се работи на поврзување на домашните компании од автомобилската дејност со странски компании. Тоа е сериозен чекор напред кој ќе има мултипликативен ефект што кај нас во Македонија отсуствуваше. Секако дека кога се зборува за странски инвестиции, приближување кон НАТО, е најбитен сигнал за безбедноста на земјата. Мислам дека тоа е многу важно и дека ќе донесе дополнителни странски инвестиции, истакна Тевдовски.
Светската економија закрепнува оценува ММФ, глобалниот раст се проценува на 3,6 отсто. Оптимистичките проекции за глобалната економија, според Тевдовски, се добри и за Македонија, бидејќи сме мала и отворена економија, која во голема мера е под влијание на тоа што се случува кај нејзините трговски партнери.
- Тоа што го слушнавме од директорката на ММФ Лагард зрачи со оптимизам. Особено затоа што изминативе години очекувањата беа попесимистички, се зборуваше за попроблематични сценарија. За Македонија ова е од големо значење, бидејќи ние сме мала и отворена економија, која е зависна од она што се случува надвор. На пример, 70 отсто од нашиот извоз оди во Европската Унија, 47 отсто во Германија, така што тоа е важно за Македонија и значи дека Македонија ќе има шанси да го зголемува својот економски раст, ако случувањата на светско ниво се позитивини и добри, истакна Тевдовски.
Како што посочи, годинава Министерството за финансии одело со поконзервативна проекција за економски раст во споредба со релевантните институции како ММФ. Сепак за догодина проекциите се повисоки од три отсто и се совпаѓаат со оние на меѓународните финансиски институции.
- Очекувањата се дека македонската економија ќе закрепне и ќе почне да се движи напред. Во моментот сме силно посветени на реформите, а приоритет на Владата се и евроатланските интеграции. Сметаме дека тие на среден рок ќе го интензивираат растот, а понатаму ќе може да се обезбеди и раст кој ќе биде и повисок. Политичката нестабилност влијаеше на забавување на економскиот раст, но со формирање на Владата имаме политичка стабилизација на состојбата, а гледаме дека има и стабилизација на инвестициската активност. На меѓународните пазари оние три издадени еврообврзници кои котираат таму имаат историски најниски приноси, односно најдобро се вреднувани досега. Пазарите се оние кои најдобро ги вреднуваат перспективите на македонската економија и стабилизацијата на политичките состојби, вели Тевдовски.
Во рамки на годишните средби македонската делегација одржа низа средби со претставници на Светска банка, ММФ и ЦЕБ, како заменик претседателот на Светска банка Сирил Милер, директорот на Светска банка за Западен Балкан Линда Ван Гелдер, директорот за Европа на ММФ Пол Томсон и други.
Ново на Сител
-
Путин изразил сочувство и му се извинил на Алиев за падот на азербејџанскиот авион кај Актау
-
Сиљановска-Давкова, Мисајловски и Лафчиски на предновогодишно дружење со македонските мировници и нивните семејства
-
Во Скопје втор протестен марш против аерозагадувањето
-
Герасимовски: Донесовме рекорден буџет за 2025 година, дури 45 проценти предвидени за капитални проекти
-
Потврдени случаи на африканска свинска чума во Албанија
-
Во Велика Британија одложени десетици летови поради густата магла
-
Приведен 72 годишен демиркапиец за вознемирување малолетничка
-
Укината забраната за ТТВ на патниот правец Тетово – Попова Шапка