Македонија
10. January 2025 - 16:38

Тошковски: Повторно го повикувам Груби доброволно да се врати во Македонија и да ја докаже својата невиност

Груби душмански ја крадел државата која го ранела над 40 години, а за тоа има оправдани сомневања вели министерот Тошковкси. Додека институциите работат да го лоцираат во која земја е, Тошковски повторно го повика поранешниот вицепремиер да се врати во Македонија и да докаже дека е невин како што тврдел. Ако не, МВР со други механизми ќе го враќа бегалецот Груби во земјава. 

Но не само Груби, и неговиот партнер кој е осомничен во случајот Државна лотарија за проневера од засега познати само осум милиони евра, не е во земјава подолг период. Неговиот адвокат Антонио Апостолски за Сител вели, дека не е во директен контакт со Бајрами, туку со неговото семејство, а не може да шпекулира околу неговата локација. Чекал да му се одобри увид во предметот од Обвинителството, за да може да се произнесе за случајот.

И за Груби и за Бајрами е распишана меѓународна потерница од средината на декември, но нема ниту трага ниту глас од нив. 

За Бајрами се шпекулираше дека подолг период е надвор од Македонија, односно во Косово, додека пак за Груби според информациите на дел од неговите поранешни сопартијци дека се наоѓа во Албанија.
Но ниту Тошковски не сакаше да шпекулира за локацијата на двајцата осомничени бидејќи немало официјално потврдени информации до надлежните органи. 

Кривичниот суд им определи 30 дневен притвор, кој ќе започне да важи од денот кога ќе стапнат на македонско тло.