Македонија
6. October 2017 - 14:30

Трајановски најави нов лик и поголем капацитет за Универзалната сала

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје предложен од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Коце Трајановски најави дека доколку ја добие довербата од граѓаните еден од приоритетите во наредните четири години ќе биде реконструкција и надградба на Универзалната сала, која, како што вели, е исклучително важен објект за Скопје.

- Со нашиот проект е предвидена реконструкција, доградба и надградба на Конгресен центар „Александар Македонски“ во Скопје, која ќе се состои од  реконструкција на стариот објект на Универзалната сала, целосно опремување на внатрешниот дел, како и доизградба на нови простории, целосно интериерно уредување и поставување на целосно нова сценска технологија. Новиот објект на конгресниот центар „Александар Македонски“ ќе се добие целосна реконструкција на постојната Универзална сала со капацитет од 1.500 седишта, изградба на поголем број нови повеќенаменски сали со капацитет од 200 и 120 седишта, повеќе нови мултимедијални сали за конференции со капацитет од 30 до 40 седишта и повеќе нови простории за билатерални средби, рече Трајановски на денешната прес-конференција.

Додаде дека ќе се изврши и  доизградба  на простории за администрацијата, како и паркинг простор на две нивоа.

Потенцираше дека проектирањето е завршено и дека изградбата на новиот објект на Конгресниот центар ќе чини над 15 милиони евра. Објектот ќе ќе биде двојно поголем од постоечката Универзална сала и ќе биде на површина од 8.000 метри квадратни, како и дополнителни 5.000 метри квадрати паркинг простор на 2 нивоа.

Објектот требаше да го финансира Владата на Република Македонија, која, рече, за жал годинава ги укина средствата предвидени за оваа намена. Доколку ова не се промени, потенцира Трајановски, Градот Скопје ќе изнајде начин сам да ја финансира изградбата на новиот објект.