Трамп: Не планирам да ја продолжам паузата од 90 дена за воведување на царините

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не планира да ја продолжи 90-дневната пауза на царините за повеќето земји по рокот за преговори на 9 јули и дека неговата администрација ќе ги извести земјите дека трговските санкции ќе стапат на сила доколку не се постигне договор.
Трамп вчера во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека известувањата за царини ќе почнат да се испраќаат до земјите со кои не е постигнат договор „прилично брзо“ како што се приближува рокот за преговори.
Ќе видиме како земјата ќе се однесува кон нас, дали ќе се однесува добро кон нас или не толку добро. Не сме заинтересирани за некои земји, само ќе испратиме многу писма – рече Трамп.
Во писмата, рече Трамп, ќе пишува – „честитки, ви дозволуваме да купувате во Соединетите Држави, ќе плаќате 25 проценти, или 35 проценти, или 50 проценти, или 10 проценти царини“.
Трамп додаде дека преговорите за царините ќе продолжат, но дека „има 200 земји“ и дека „не можете да разговарате со сите“.
Зборувајќи за односот со Кина, Трамп го пофали неодамнешниот трговски договор постигнат со Пекинг за извоз на ретки земни метали од Кина и рече дека воспоставувањето порамноправен однос меѓу двете земји би барало значителни тарифи.
Мислам дека доброто сложување со Кина е многу добра работа. Кина ќе плати многу тарифи, но имаме голем (трговски) дефицит, тие го разбираат тоа – рече Трамп.
Тој додаде дека би бил отворен за укинување на санкциите за испораките на иранска нафта во Кина доколку Иран покаже „дека може да биде мирен“ и доколку покаже, САД „нема да нанесат поголема штета“.
Трамп посочи и дека САД не се плашат од одмазда од Пекинг, а на коментарот на водителот на „Фокс њуз“ дека Кина се обидела да хакира американски системи и да украде интелектуална сопственост, Трамп одговори: „Зарем не мислите дека ние им го правиме тоа?“
Американскиот претседател повтори дека САД „уништиле“ ирански нуклеарни објекти во воздушни напади и додаде дека секој што е вклучен во протекувањето на прелиминарна разузнавачка проценка за таа акција до медиумите, која сугерираше дека нуклеарната програма на Техеран била вратена само неколку месеци назад, треба да биде гонет.
Трамп рече дека Иран бил „на неколку недели“ од стекнување нуклеарно оружје пред тој да нареди воздушни напади.
Беше збришано како што никој досега не видел. И тоа значеше крај на нивните нуклеарни амбиции, барем засега – рече Трамп.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, денеска во објава на платформата „X“ изјави дека Трамп „претерува“ кога зборува за нуклеарната програма на Иран, „за да ја прикрие и скрие вистината“.
Ново на Сител
-

Од утре сончево и потопло време, температурите до 35 степени
-

Од полноќ поскапуваат горивата, дизелот со најголем раст
-

Димитриеска-Кочоска: Ребалансот е одговор на предизвиците што ги носи неизвесноста на глобално ниво и континуитетот на развојните политики што даваат резултат
-

Тројца мртви и четворица ранети на фестивалот на храната во Сиетл, осомничениот напаѓач е уапсен
-

Инфантино до критичарите на СП 2026: Медитирајте, молете се, гледајте фудбал
-

Во ЈЗУ во Гостивар вчера прегледани 127 пациенти со симптоми на ентероколит
-

Тошковски: Ниту војската, ниту полицијата не треба да обезбедува водоводи
-

Ангелов: Во Крушево поради прекин на струја еден час не работел уредот за хлорирање на водата
