Тренчевска: Со новиот пакет антикризни мерки ќе бидат опфатени и пензионерите со најниска пензија
Следната недела или најдоцна до крајот на месецов Владата ќе усвои пакет на антикризни мерки наменет за повеќе целни групи, меѓу кои и за пензионерите што примаат најниска пензија. Ќе видиме дали ќе ни требаат некакви законски измени за да можеме што поскоро да стартуваме со финансиската поддршка за оние што ќе бидат вклучени во овој нов пакет, соопшти денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Во врска со барањата на пензионерите за линеарно покачување на пензиите по 5.000 денари и за зголемување на минималната пензија на 18.000 или до 20.000 денари, одговори дека нејзиниот став е познат – тоа се нереални барања што ќе ја загрозат стабилноста на пензискиот систем.
-Мојот став е познат за линеарно покачување на пензиите од 5.000 денари и за минимална пензија од 18.000 или за 20.000 денари, бидејќи има различни барања од пензионерите, но тие доаѓаат не од сите туку од пензионери кои имаат високи пензии, а ги гледаме на протестите. Сите што се вклучени во иницијативниот одбор се пензионери коишто имаат дури и 50.000 или 30.000 денари пензија, најмал дел се оние со најниски пензии, изјави Тренчевска одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на трибината за студентскиот стандард што денеска се одржува на Филозофскиот факултет на УКИМ.
Министерката посочи дека линеарно покачување по 5.000 денари на сите 336 илјади пензионери ќе значи околу 324 милиони евра годишно само за ова нивно барање.
-Може да замислите, пак, колкава е фискалната импликација за 20.000 или 18.000 денари за минимална пензија. Ова се барања кои се нереални со оглед на состојбата на пензискиот систем. Тој е стабилен, но со каква било интервенција на пензискиот систем ќе ги доведеме во ситуација идните генерации кои треба да бидат пензионери да не можат да добијат пензија, а ќе ја доведеме во прашање и исплатата на пензиите и на овие 336 илјади пензионери. Мора да се грижиме за стабилноста на пензискиот систем. Оваа Влада се грижи за навремена исплата на пензиите и тие се исплаќаат секој 1-ви во месецот. Со ваквите политики обезбедуваме сигурност, истакна Тренчевска.
Со најавените антикризни мерки ќе бидат опфатени и пензионерите кои, како што рече, финансиски ќе ги поддржат во текот на зимата и до идното усогласување на пензиите, во март 2024.
Напомна дека со новата методологија има системско решение за постојан раст на пензиите во изминатиот период и дека од 9.000 денари минималната пензија сега изнесува 13.100 денари.
-Не велам дека 13.100 се доволно за еден пензионер да го издржи месецот, но затоа овде се различните мерки како финансиска поддршка што Владата ги креира за да можеме заедно, на солидарна основа, да му помогнеме на секој што се наоѓа во некаква состојба односно нема доволно приход за да може да го издржи месецот, додаде министерката за труд и социјална политика.
Ново на Сител
-
Сиљановска-Давкова, Мисајловски и Лафчиски на предновогодишно дружење со македонските мировници и нивните семејства
-
Во Скопје втор протестен марш против аерозагадувањето
-
Герасимовски: Донесовме рекорден буџет за 2025 година, дури 45 проценти предвидени за капитални проекти
-
Потврдени случаи на африканска свинска чума во Албанија
-
Во Велика Британија одложени десетици летови поради густата магла
-
Приведен 72 годишен демиркапиец за вознемирување малолетничка
-
Укината забраната за ТТВ на патниот правец Тетово – Попова Шапка
-
„Супер годината на избори“ донесе зајакната позиција на жените лидерки во ЕУ