Македонија
4. March 2024 - 13:24

Триесет години баталјон на специјални сили „Волци“

Со мотото секогаш и секаде први, пред  30 години е формирана најелитаната единица на армијата познати како ,,Волци“. Низ годините ќе го менува називот, структурата и бројноста, но единицата ќе остана доследна на идеалите и целите, секогаш и секаде први за државата и народот.

Формирани во исклучително турбулентен период во овој регион, во регион кој се уште мирисеше на војна, Волците требаше и успееја да бидат гарантот на безбедноста и територијалниот интегритет на Македонија.

Во текот на своите мисии нештедејќи се себеси, многумина од нив долго ќе бидат далеку од нивните семејства, повредувани, а некои ќе го дадат и најсветото, животот.

Денешниот началник на генералштабот на Армијата, Генерал Потполковник Васко Ѓурчиновски, е горд што бил дел од како тој вели, најдоброто што оваа армија и Македонија го имаат, специјалната единици Волци.

Волците како животни се поим за животно со моќен инстинкт, силна интиуција, интелигенција, подготвеност и верност, нешто што оваа единица претставува во реалноста, верност и лојалност кон Македонија. Препознатливи по нивното мото и лого кое ги симболизира државните бои и ги отсликува карактеристиките и задачите на единицата.

Кога државата ќе повика Волците ќе бидат на првиот ред за одбрана на територијалниот интегритет. Одбранбените задачи на единицата ќе кулминираат во 2001 година. Во воениот конфликт, единицата ќе даде огромен придонес во одбаната на територијата, државата и граѓаните. Единицата, конфликтот во 2001 ќе го плати со многу проелеана крв, повредени, а виорот на терористичките напади ќе одземе и четворица верни синови на волците и државата.

Волците со годините ќе станат заштитен знак на армијата, единица која со својата спремност ќе одговара на сите задачи и мисии, а нивниот квалитет ќе биде причина да бидат вклучени во повеќе меѓународни мировни мисии, каде во најдобро светло ќе ја претставуваат армијата и државата.

Да се биде ВОЛК уште од самото формирање ќе биде чест, одговорност и привилегија само на најдобрите. За да може да ја исполни мисијата и задачите кои се доделени на оваа единица, баталјонот ќе постави селективни курсеви кои ќе бидат така создадени да го избираат најдоброто. Само најдобрите ќе ја прескокнат високо поставената летвичка. Селективен курс кој ќе избере припадник кој со својата спремност ќе може да одговори на сите физички предизвици, личност која со својот интегритет ќе ги чува и негува идеалите на единицата и ќе биде спремен да биде секогаш и секаде прв.

Припадникот на оваа единица ќе треба да биде спремен да одговори на задачи на вода, на планина, во дожд или снег, да поминува тешко достапни предели и да помагаат и евакуираат луѓе на предели кој никој друг не може да стигне. Припадниците мора да бидат подготвени да скокаат од падобрани, да се спуштаат од летала и  влегуваат во оган, затоа што црвена беретка добива само оној кој истата ќе ја заслужи.

Спремноста и квалитетот на оваа единица ја потврдуваат повеќе признанија добиени во заеднички мисии и вежби со единици на повеќе земји.

Целата историја на оваа единица е претставена во нивната спомен соба, каде може да се види хронологија на целото постоење на единицата. Од командантите и главните подофицири, до признанијата и ордените добиени како резултат на посветеноста и спремноста на оваа единица, благодарници и фотографии од мировните мисии, оружјето користено во реални ситуации и секако дел посветен на оние кои го положија својот живот служејќи и на единицата.

Годините и времето се менува, условите варираат, се менуваат и имињата и чиновите, но единицата не отстапува ниту милиметар од тоа за што беше формирана, секогаш и секаде први за народот и Македонија.

Честит 30 роденден на најелитаната единица на Армијата, Волци.