Трите круга на Макрон за Европа и Западен Балкан
Емануел Макрон претседателот на Франција, една од највлијателните земји-членки во ЕУ, неодамна излезе со идеја за Европа во три круга, која подразбира пред се реорганизација на Унијата со засилена економска, политичка и одбранбена поврзаност и визија за идната соработка со останатите држави од европскиот континент, вклучувајќи ги и Русија и Турција.
Според неговата замисла, Европа за 15 години би била организирана во три круга на држави со различен степен на интеграција. Проширувањето на ЕУ со нови членки, според шефот на Француската Република, треба да се случи откако Унијата ќе зајакне, при тоа тој не спомна пристапување на нови држави.
Ова е практично разработка на концептот што Макрон првпат го претстави во неговиот говор на Универзитетот Сорбона, во септември минатата година, а јавно го изложи за време на неговата посета на Португалија, како прва точка од неговата турнеја посветена на појаснување и придобивање сојузници за оваа идеја.
За тоа што стои зад идејата и како нејзината евентуална реализација би се одразила на евроинтеграциите на Македонија во изјава за МИА своите ставови ги споделија амбасадорот Ѓорѓи Филипов и политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
Филипов смета дека „Европа во три круга” е личен нацрт-план на претседателот Емануел Макрон, што претставува една визија за зацврстување на ЕУ (што секако ѝ треба), но кој сѐ уште нема јасна структура (освен визионерските „три круга”) и претставува пресметан потег на Макрон за зајакнување на неговата лична позиција во претстојното преструктурирање на Унијата.
- Веројатно постои некаква начелна согласност и од вториот дел од осовината „Париз-Берлин”, но деталите не се познати, а колку што следам, никој од останатите членки на ЕУ (кои би биле во првиот круг) досега не се изјанил по оваа визија на Макрон, искажана при неговата посета на Португалија. Тука ја вбројувам и канцеларката Ангела Меркел, која, пак, го иницираше проектот „Берлински процес”, што нуди перспектива за земјите од Западен Балкан, што временски е поприфатлива. Според она што се случува со Брегзит и по изборот на Доналд Трамп за претсетател на САД, очигледно е дека на ЕУ ѝ треба реформа со крајна цел зајакнување на структурата, воведување една валута, постоење на „федерално Министерство за финансии, Министерство за одбрана и Министерство за надворешни работи, но и Министерство или барем Европско федерално биро за внатрешни работи, оценува амбасадорот Филипов.
Според Муслиу, Макроновата идеја како проект за реорганизација на ЕУ е реално потребен, бидејќи, вели, глобалните односи се сменети и денес имаме повеќе сериозни глобални играчи, посочувајќи на Кина, Индија и Бразил.
- Тоа се сериозни глобални играчи чија економија е компететивна во светот. Кина не е веќе 20. или 30. држава во светот според БДП за да може да ја игнорирате. Потоа Бразил има, исто така, галопирачка економија. Тука е и Русија која е глобална економија и воена сила. Истото важи и за Кина и за Индија. Потоа имаме регионални играчи како што е една Турција. Во овие светски околности реално ЕУ со овој начин на организирање и на одлучување како поминува времето станува некомпетитивна. Значи таа не е главниот фактор и играч на светската сцена. Мислам дека тоа е и идејата која стои зад проектот на Макрон - ЕУ со економскиот, па и со воениот капацитет што го има, подобро да се позиционира во светската политика, вели Муслиу.
Македонија во круговите на Макрон или во проектот на Меркел
Во однос на тоа каде би се нашле Македонија и Западниот Балкан во таа новообликувана идна Европа во три круга и Филипов и Муслиу се оптимисти дека концептот нема да влијае врз интеграцијата на Македонија и останатите земји од Западен Балкан кои се во фаза на преговори со ЕУ.
Филипов, кој е поранешен македонски амбасадор во Германија, е дециден дека канцеларката Меркел ќе истрае на реализација на проектот „Берлински процес” и дел од земјите на Западен Балкан ќе имаат можност да влезат во ЕУ до 2025 година.
- За тоа ќе бидат потребни јасни реформи, намалување на корупцијата до најниско можно ниво, зајакнување на функционирањето на правните и особено судските системи, изразено преку нивно ефикасно дејствување во пракса, зајакнување на финансиските и економските параметри, како и практично покажување на подготвеност за регионална соработка на сите полиња. Сметам дека во одредување на новата насока на создавање силна Европа со нагласување на европските вредности претседателот Макрон и канцеларката Меркел ќе направат компромис, па Западниот Балкан нема да претставува некоја голема пречка за „длабочинското зајакнување” на ЕУ, а Македонија, Србија и Црна Гора би биле некаде на кружната линија од вториот круг на Макрон, подвлекува Филипов.
Муслиу, пак, вели дека Македонија е земја кандидат и како и со законските норми ние сме опфатени со стариот модел на проширување.
- Не верувам дека на кого било, па ни на Франција, ниту на Германија, ниту би им одговарало ние да останеме надвор од ЕУ, ниту би им пречело во целата таа програма на Европа во три круга ние да се зачлениме. Затоа што реално и како економија и како држава сме премали за да можеме некако да го изместиме тој процес во погрешен правец, па дури и целиот регион кој има кандидатски статус - Србија, Албанија, Македонија, е речиси колку половина Романија, да не зборувам за другите поголеми земји членки. Така што, не верувам дека реално ова би влијаело на нашите евроатлантски интеграции затоа што тоа би се косело со сите препораки и предупредувања што може да се случи во регионот ако други светски играчи почнат да навлегуваат посериозно на овој терен, смета Муслиу.
Тој појаснува дека независно од тоа што се случи во Европскиот совет каде нашите евроинтеграциски перспективи не беа доведени во прашање, туку беа ставени под прашање нашите капацитети да ги завршиме обврските, не очекува дека ова воопшто би влијаело на нашите европски интегративни процеси.
- Останува на нас да си ги завршиме нашите обврски. Јас мислам дека имаме и добра волја и интерес во ЕУ, а тука имаме и силна поддршка од Американците да станеме членка не само на НАТО, туку и на ЕУ. Со НАТО се минимизираат шансите военоразузнавачки да влезат други играчи. Со членство во ЕУ се бетонира тој надворешен ѕид на ЕУ и какви било сериозни влијанија тогаш би биле оневозможени, подвлекува аналитичарот Муслиу.
Идејата за Европа во три круга на Макрон доаѓа во пресрет на Брегзитот (излегувањето на Велика Британија од ЕУ) и изборите за Европскиот парламент кои треба да се случат респективно во март, односно мај, идната година, разногласијата меѓу земјите околу миграциската политика, како и сомневањата околу поддршката на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и САД по изборот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Виолета Геров/МИА
Ново на Сител
-
Јаневска: Наредната година 30 милиони евра за студентски стандард, ќе се решат лошите услови во Студентскиот дом „Пелагонија“
-
Старец загина во пожар во неговата куќа во Желино
-
Пронајдени 3.622 монети со археолошка вредност кај 32 годишен Албанец на Табановце
-
Индијана потпиша со Мозес Браун
-
Португалија ремизираше со Хрватска во Лигата на нации, Полска испадна во Б-сегментот
-
Лејкерс ќе подигне статуа во чест на Пет Рајли
-
Скопје 6-ти најзагаден град во светот
-
Познати сите четвртфиналисти во Лигата на нации