Македонија
11. July 2016 - 11:52

Тркалезна маса за жените и безбедноста во заедниците

Во организација на мисијата на ОБСЕ и Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи Тетово денеска на Универзитетот на Југоисточна Европа денеска се одржа тркалезна маса на тема „Улогата и придонесот на жените за безбедноста во заедницата“.

На состанокот учествуваа полициски службеници од СВР Тетово и претставнички од женската заедница и невладини организации кои се бават со женските права, родовата рамноправност и слично.

- Присутните беа информирани за состојбите со јавниот ред и мир, безбедноста во сообраќајот и вкупниот криминалитет, како да се препознаат безбедносните закани, што најмногу го загрозува чувството на безбедност, како да се подобрат состојбите на овој план и какви мерки и активности да се преземат, изјави портпаролот на Тетово Марјан Јосифовски.

Според претставничката на НВО „Женски Форум“ од Тетово Џане Крешова заедничка цел на присутните е да се подобри сигурноста на жените за слободно движење низ градот во кое било време.

- Сакаме заеднички да направиме една мапа на градот на која ќе бидат обележани безбедните места за слободно движење и оние кои тоа не се и мерките што би требало да се преземат како зголемено полициски присуство, подобрување на инфраструктурата како осветлување и слично и се она што може да овозможи жените и девојките и без придружба да можат и во доцните часови слободно да се движат. Во овој процес потребно е да се работи и на подигањето на свеста што ќе биде еден од нашите идни проекти, рече Крешова.

Слична ваква тркалезна маса на истото место и во четврток ќе се одржи и со претставничките на гостиварската женска заедница.