Живот
30. јуни 2017 - 23:26

Турчин си го украсил дворот со автентични римски столбови

Еден Турчин од Анталија го декорирал својот дом со антички гранитни столбови од римско време, направени пред 2.000 години, пишува „Хуриет дејли њуз".

Случајот се расчу сосем случајно, откако професорот по историја на уметноста, Ертекин Каја објави слика од куќата на социјалните мрежи.

- Столбови стари 2.000 години се користат за декорација. Ова е претерано!, напиша тој во придружниот коментар.

Според информациите, извесен Мустафа Ајдемир ги нашол столбовите во 1994 во близина на градот Калеичи и ги поставил пред својот дом, но откако за тоа добил дозвола од Дирекцијата за музеи во Анталија, под услов да ги чува и да внимава на нив.

- Ги следиме столбовите преку видеонадзор 24 часа дневно, нагласи Ајдемир во една прилика.

Пензионираниот професор пак, кому не му се допаѓа глетката, презел дејствија против таквиот екстериер, но кусо потоа дознал дека Ајдемир го тужи за навреда. На крајот, Каја бил ослободен од обвинението, но столбовите си останале на своето место.