Свет
12. October 2015 - 15:29

Турците во Германија загрижени поради можни судири со Курдите

Првиот човек на турската заедница во Германија, Гокај Суфоглу ги повика симпатизерите на забранетата Курдска работничка партија (ПКК) на воздржаност.

Суфоглу е загрижен дека по експлозиите во Анкара, во кои за време на протест на прокурдската партија ХДП загинаа речиси 100, а повредени беа повеќе од 500 луѓе, би можело да дојде до судири меѓу турските и курдските националисти во Германија. 

Тој е загрижен поради традицијата на турско - курдски судири но и поради однесувањето на радикални групи и поединци на социјалните мрежи.

- И покрај тоа што радикалите во двете етнички групи во Германија се малцинство сепак постои простор за инциденти, смета Суфоглу.

На воздржаност повика и потпретседателот на Зелената партија, Оздемир Чем кој од ЕУ побара да ги замрзне сите разговори со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

- Било каков договор со турскиот претседател пред изборите закажани за 1 ноември би можел да се толкува како поддршка за Ердоган, смета Чем, кој за инцидентите во Анкара ја обвини и турската Влада.

Конфликтот меѓу турските власти и курдските бунтовници кој трае со децении, а се интензивираше во последниви неколку месеци кога загинаа околу 140 турски војници и околу 1.700 курдски борци, постојано предизвикува насилни инциденти во Германија каде што живеат значителен број на Турци и Курди од Турција.