Свет
9. March 2018 - 11:10

Турски обвинители издале налози за апсење на уште 186 лица наводно поврзани со Ѓулен

 Турски обвинители издале налози за апсење на 92 учители и други 94 лица во рамките на три операции против лица кои се осомничени за поврзаност со мрежата на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен.

Турските власти ја обвинуваат мрежата на Ѓулен, кој живее во САД, за организирање на обидот за преврат во Турција во јули 2016 година.

Учителите, за кои се издадени налози за апсење во рамките на операција во Анкара и во други 19 окрузи, работеле во училишта кои биле затворени поради наводни врски со мрежата на Ѓулен.

Во друга операција, спроведена во округот Конја, Централна Турција, и во уште 42 области, властите издале наредба за апсење на 84 лица, осомничени за врски со движењето на Ѓулен.

Турската агенција Анадолија денеска јави дека судовите во Турција досега завршиле 104 судски постапки против организација ФЕТО на Ѓулен, која се суди за обидот за воен удар, и изрекоа затворски казни за вкупно 797 обвинети, вклучувајќи и доживотни затворски казни за 586 обвинети. Досега во судовите се започнати вкупно 283 судења, а заклучно со денеска завршени се 104 судски постапки во кои се изречени повеќекратни доживотни затворски казни за 253 обвинети. Меѓу нив се и 31 обвинет кои добија четирикратни, и четворица обвинети кои добија трикратни доживотни затворски казни.

Меѓу осудените на доживотен затвор се 22 поранешни генерали на турската војска, потоа 166 офицери, 31 подофицер, еден наредник, 17 регрути и четири воени инжинери. Доживотни затворски казни добија 333 обвинети, а 211 обвинети се осудени на затворски казни во траење од една до 20 години.

Меѓу обвинетите на доживотен затвор се и шестмина поранешни генерали, 109 офицери, 46 подофицери, 51 наредник, 50 регрути и петмина полицајци. Голем број се ослободени од обвиненијата за вмешаност во обидот за пуч