Свет
27. February 2017 - 15:59

Турското обвинителство испитува постоење на „хунта“ во армијата

Турското обвинителство покрена истрага поради можно постоење „група во рамки на војската“, која би можела да и „наштети на Владата“, јави денеска турската државна новинска агенција Анадолија.

Според агенцијата, Обвинителството од Истанбул покренало истрага по текстот објавен изминатиот викенд во весникот „Хуриет“, во кој се наведува дека воените штабови „се вознемирени“ поради критиките на сметка на војската.

Истрагата е започната како одговор на официјалната жалба од професор на еден факултет, кој наведува дека во текстот има докази за присуство на „влијателна и активна хунта“, наведува Анадолија.

Турската Влада во јули минатата година се соочи со неуспешен обид за државен удар, за што Анкара го обвинува исламскиот проповедник Фетулах Ѓул дека е организатор на превратот. гт/сп/15:33