Фудбал
13. April 2016 - 10:02

У-18: Подобри од Бугарија

Репрезентацијата на Македонија до 18 години забележа победа со 1:0 над селекцијата на Бугарија во рамките на првиот контролен натпревар меѓу двете селекции одигран на централниот терен на тренинг центарот „Петар Милошевски”.
 
Противникот во 12. минута прв се закани, по нафрлената топка од Ковачев, во поволна ситуација за постигнување гол се најде Русев, меѓутоа неговиот удар заврши покрај левата статива од нашиот гол. Најдобрата прилика за Македонија ја имаше Дарко Додев во 15. минута, неговиот удар го одбрани гостинскиот голман. Во 26. минута од средбата нова добра можност пропушти Русев. До крајот на првиот дел, нашата репрезентација се закани уште еднаш преку Албан Сулејмани од слободен удар, но Наумов уште еднаш беше на висина на задачата.
 
Во продолжението од натпреварот, избраниците на селекторот Јетон Несими одиграа поквалитетно и посигурно, особено во средниот ред. Македонија поведе со 1:0, стрелец на погодокот беше Давор Здравковски во 64. минута. Воедно, тоа беше и конечниот исход од овој дуел. Нашите фудбалери можеа да постигнат уште по некој гол. Во добри шанси за погодок се најдоа Ердон Даци и Есмин Личина. До крајот на натпреварот Бугарија остана со играч помалку, Бонев поради остар стар над нашиот голман мораше пред време да ја напушти играта.
 
-Задоволен сум до издвојуваната победа над Бугарија, бидејќи конечно ја прекинавме серијата на негативни резултати. Одигравме доста добро, особено во вториот дел. Среќен сум што постигнав погодок, но уште повеќе ме радува фактот што успеавме да победиме – изјави капитенот на репрезентацијата на Македонија до 18 години, Давор Здравковски.