Свет
5. August 2016 - 15:37

Уапсен Авганистанецот осомничен за планирање напад во Париз

Француската полиција денеска го уапси мигрантот по потекло од Авганистан, по кој трагаше од средата под сомнеж дека планира да изврши напад во Париз, објави електронското издание на парискиот весник „Фигаро“. 

Полицијата ги засили безбедносните мерки и започна потрага по Авганистанецот, откако добила сознанија дека е можно тој да изврши напад во францускиот главен град.

Според полициски извори, осомничениот терорист пристигнал во Франција пред околу два месеци и извесно време престојувал во центар за прием на мигранти.

Во Франција е во сила вонредна состојба воведена по нападите во Париз лани во ноември кога загинаа 130 лица, а безбедноните мерки се дополнително зајакнати по двата напади извршени минатиот месец во Ница и во една црква во Нормандија, за која одговорност презеде џихадистичката група Исламска држава (ИД).