Македонија
14. November 2024 - 16:33

Убиство од небрежност

МВР ја расфетли мистериозната смрт на младиот 31 годишен маж, чие безживотно тело со прострелна рана пред 9 дена беше пронајдено во атарот на с. Пиперово, Штипско. Вчера полициски службеници од  Одделот за криминалистичка полиција во содејство со СВР- Штип го лишија од слобода Т.К. (54) од с .Дедино, општина Конче и против него се поднесени кривични пријави поради основано сомнение за сторени кривични дела „убиство од небрежност“, „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и „незаконит лов“.

-На 04.11.2024, Т.К., заедно со И.К.(31) од с .Дедино, општина Конче, со цел да вршат незаконит лов на дивеч се упатиле кон селата Лесковица и Пиперово, при што приведениот со ловна пушка која ја поседувал без дозвола од поголема далечина го застрелал И.К., кој починал на местото на настанот, изјави Гоце Андреевски, Началник на сектор за односи со јавноста.

Во текот на вчерашниот ден, со наредба од Основен суд Радовиш извршен е претрес во домот на осомничениот, при што се одземени предмети кои се од интерес на истрагата, а лицето е приведено.