Ученици од земјава ќе учествуваат на Олимпијада за роботски спортови на грчкиот остров Крит

Осум ученици од СТЕМ Академија, поделени во три тима заедно со нивните двајца ментори, ќе учествуваат на Олимпијадата за роботски спортови „Minoan Robotsports Competition Global Olympiad“, што од 3 до 6 април се одржува на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.
Македонија и оваа година има силно претставување на една од најпрестижните светски олимпијади за роботски спортови, учениците ќе се натпреваруваат во најсложените дисциплини на ова глобално натпреварување, на кое ќе земат учество околу 1.500 тимови од над 40 држави од целиот свет.
Учениците Павел Попоски, Анастасија Дудеска, Јаков Петков, Андреј Спасевски, Стефан Пешов, Матеа Андонова, Глигор Дединец, Петар Копачев се поделени во три тимови: SPACE WALKERS (на возраст од 13 до 18 години), SPACE WALKERS JR (од 13 до 18 години) и SPACE WALKERS ALFA (на возраст до 12 години) и ќе настапат во најтешката дисциплина – Pentathlon Arena.
Станува збор за најпредизвикувачката дисциплина на Олимпијадата, каде роботите се самостојно дизајнирани, самостојно изградени и самостојно програмирани од самите ученици.
Во оваа дисциплина роботите мора целосно автономно, без никаква интервенција од тимовите, во рок од четири минути да извршат серија комплексни задачи со висока прецизност и сигурност.
Дополнително, тимовите SPACE WALKERS и SPACE WALKERS JR ќе настапат и во категориите транспорт на товар со самостојно изграден и програмиран хуманоиден робот, како и прецизно наведување на дронови, што претставува уште едно ниво на техничка сложеност и инженерска подготовка.
Ментори на тимовите се Александра Митревска и Жарко Поп-Илиев.
Од истата Олимпијада во 2024 и 2025 година, тимовите на СТЕМ Академија се вратија со извонредни резултати.
Лани ги освоија првото, второто и третото место во категоријата петобој арена, додека пак пред две години се пласираа на првото и второто место.
Од СТЕМ за МИА велат дека овие резултати ја позиционираат Македонија меѓу најуспешните земји во дисциплината Pentathlon Arena и потврдуваат дека нивните млади учесници се дел од светската елита во роботиката.
МИА
Ново на Сител
-

Најмалку пет лица загинаа во воздушен напад врз иранскиот Ком
-

Без струја поради зафати на мрежата корисниците на неколку улици во Илинден, Чучер Сандево, Бутел и Карпош
-

Цените на нафтата во пораст поради заканите на Трамп кон Иран
-

Јавна расправа во Собранието за предложениот закон за Советот на јавните обвинители
-

Почнува Страдалната – Страсната – Велика седмица
-

Свечена академија за 75 години постоење на Државниот архив
-

Трамп го одложи ултиматумот до Иран до утревечер во 20 часот
-

Иран не ја отвора Ормуската Теснина без надомест за бродарина
