Македонија
9. September 2021 - 11:32

Учениците од кичевските средни училишта повторно седнаа во училишните клупи

По една недела онлајн настава која се одвиваше поради состојбите со пандемијата со ковид 19, од денеска учениците од средните училишта  ОСУ„ Мирко Милески“ и ОСУ „Дрита“ од Кичево повторно седнаа во училишните клупи.

Такви беа насоките на Министерството за образование, ако се подобри состојбата учениците ќе продолжат со настава со физичко присуство.

Училиштата информацијата ја добија во попладневните часови и тие преку социјалните мрежи ги информираа учениците, дека од денеска наставата ќе се одвива со физичко присуство, потврди за МИА Зоран Стојкоски, претседател на училишниот одбор.

Во текот на вчерашниот ден од Министерството за образование пристигна допис дека се исполнети условите учениците да ја продолжат наставата со физичко присуство.

-Така утринава на учениците од прва смена на влезот во училиштето им се мереше телесна температура, задолжително беше носење на заштитна маска и редовна хигиена на рацете. Со редовно почитување на протоколите, за очекување е дека сите сме безбедни и дека  нема опасност од ширење на коронавирусот, рече Стојкоски.

Тој посочи дека и за втората смена протоколите ќе бидат целосно запазени. Отсуството на учениците од настава на првиот училишен ден со настава во живо е минимално. Настава со физичко присуство во овие две училишта ќе следат над 1500 ученици од прва до четврта година.