Свет
25. February 2016 - 18:38

Унгарија го зголемува производството на бодликава жица

Унгарија го зголемува производството на бодликава жица, метални столбови и други делови потребни за составување на бодликавата ограда, чија намена е да го спречи приливот на мигранти, објавија денеска унгарските медиуми.

Портпаролот на Владата во Будимпешта Жолтан Ковач соопшти дека производството на бодликава жица се зголемува во случај Унгарија, која минатата година постави ограда од ваква жица на границите со Србија и Хрватска, да одлучи истото да го направи и на границата со Романија, или за случај да им е потребна на други земји.

Унгарија минатата година и продала на соседна Словенија 24.000 ролни бодликава жица и 16.000 метални столбови, додека на Македонија и донираше 100 километри жица и друга опрема, пренесува Танјуг.

Делови од оградата од бодликава жица се произведуваат и во затворите, па така затворениците од казнената установа во Маријаностра на северот на Унгарија дневно произведуваат околу 100 ролни бодликава жица.