УНХЦР: Половина од децата бегалци во светот се надвор од училиштата поради пандемијата
Доколку меѓународната заедница не преземе итни и храбри мерки за да возврати на катастрофалните ефекти на КОВИД-19 врз образованието на бегалците, ќе се намалат можностите да се искористи потенцијалот на милионите млади бегалци кои живеат во најранливите заедници на светот, наведува Агенцијата на ОН за бегалци – УНХЦР во извештајот објавен денеска и насловен: „Заедно за образование за бегалците“.
Податоците во извештајот се засновани на вкупните бројки на уписи во училишната 2019 година. Иако децата од сите земји имаат потешкотии во образованието како последица од КОВИД-19, децата бегалци се особено загрозени. Веројатноста да не посетуваат училиште пред пандемијата била двојно поголема за децата бегалци отколку за децата кои не се бегалци. Многу од нив не ќе можат да продолжат со учење поради затворените училишта, неможноста да си ги дозволат уплатите, униформите или книгите, недостапноста на технологии или бидејќи треба да работат за да го издржуваат своето семејство.
– Половина од децата бегалци во светот веќе се надвор од училиштата. По сè што поминале, не можеме да им ја земеме иднината со тоа што ќе им го одземеме образованието денес. И покрај огромните предизвици на пандемијата, со поголема меѓународна поддршка за бегалците и заедниците кои ги прифатиле, можеме да ги прошириме иновативните начини за да ги заштитиме критичните придобивки во образованието на бегалците од последниве години, изјави Филипо Гранди, високиот комесар на ОН за бегалци.
Без зголемена поддршка, ќе се загубат стабилните и тешко стекнати придобивки во однос на уписите во училиштата, универзитетите и техничките и стручни образовни установи, во некои случаи и трајно, со можност да ги загрозат напорите да се постигне целта број 4 за одржлив развој, да се обезбеди инклузивно и еднакво достапно квалитетно образование за сите.
Првпат во учебната 2019/2020 седум деца баратели на азил од Сирија, Авганистан и Пакистан се запишаа во основно образование на македонски јазик во локално училиште во Скопје. Канцеларијата на УНХЦР Скопје наведува дека ќе обезбеди и ќе продолжи да обезбедува поддршка за училиштето што, заедно со родителите и децата, како што посочува, широкоградо ги прифати седумте деца, додавајќи дека ова е одличен пример за инклузија на лица што бегаат од конфликт и кои во нашата земја нашле сигурно место.
Амбасадорот на Фондацијата Водафон и УНХЦР за Инстант-мрежа на училишни програми, Мохамед Сала, во извештајот истакнува дека обезбедување квалитетно образование денес значи помалку сиромаштија и страдања утре.
– Доколку сите не ја одиграат својата улога, генерации деца ќе се соочат со темна иднина. Но ако работиме како тим, здружено, можеме да им ја дадеме можноста за достоинствената иднина што ја заслужуваат. Да не ја пропуштиме оваа можност, вели Сала.
Податоците во извештајот за 2019 година се земени од дванаесет земји кои примиле повеќе од половина од децата бегалци во светот. Додека основните училишта бројат 77 отсто запишани, само 31 процент продолжуваат во средно училиште. Во високо образование, пак, се запишуваат само 3 отсто млади бегалци.
– Далеку зад глобалните просеци, овие статистики, сепак, претставуваат напредок. Во средно училиште бројот на новозапишани деца бегалци е зголемен за десетици
илјади; со 2 отсто пораст само во 2019 година. Како и да е, пандемијата на КОВИД-19 се заканува да ги поништи оваа и други важни придобивки. За девојчињата бегалки, оваа закана е особено лоша. Тие веќе имаат помал пристап до образование од момчињата, со половина помала веројатност да се запишат во средно училиште, стои во извештајот на УНХЦР.
Фондот „Малала“ проценува дека половина од девојчињата бегалки од средноучилишна возраст нема да се вратат во клупите штом повторно се отворат училниците месецов. За земјите каде што бројот на уписи на девојчиња бегалки бил помал од 10 проценти, постои ризик дека ќе се отпишат засекогаш.
Комесарот на УНХЦР Гранди наведува дека е особено загрижен за влијанието врз девојчињата бегалки. Не само што образованието е човеково право, вели тој, туку и заштитата и економските придобивки од образованието на девојчињата бегалки, нивните семејства и заедници се јасни.
– Меѓународната заедница едноставно не може да си дозволи да не им ги обезбеди можностите кои доаѓаат со образованието, додава Гранди.
Приспособувањето на ограничувањата наметнати од КОВИД-19 е особено тешко за 85 отсто од бегалците во светот кои живеат во помалку развиени или земји во развој. Мобилните телефони, таблети, лаптопи, добра мрежа, дури и радиоопрема, често не се достапни за раселените заедници.
Извештајот покажува како семејствата, заедниците и владите работат да обезбедат образование за децата бегалци. Покажува позитивни примери на влади кои со закон го обезбедиле правото на децата бегалци да ги посетуваат државните училишта, со приказни од Еквадор до Иран.
Бидејќи над половина од бегалците во светот живеат во урбана средина, важно е градовите да ги прифатат бегалците. УНХЦР во Извештајот ги повикува владите, приватниот сектор, граѓанскиот сектор и други клучни страни од интерес да ги здружат силите и да најдат решенија кои ќе ги зајакнат државните образовни системи и ќе создадат врски со признати образовни мрежи, како и да го обезбедат финансирањето на образованието.
Без вакви чекори, предупредува извештајот, ризикуваме да имаме изгубена генерација на деца бегалци на кои им е одземено образованието. Се укажува и дека ризиците за образованието на бегалците не запираат тука, зашто во пораст се и нападите врз училиштата. Извештајот се фокусира на регионот Сахел во Африка каде што насилствата принудно затвориле повеќе од 2500 училишта, со што било загрозено образованието на 350 000 ученици.
Ново на Сител
-
Заедничка седница на македонската и косовската влада во Приштина
-
Пратеници на ДУИ добиле смртни закани, пријава до МВР нема
-
Вишиот обвинител Хајрулахи останува суспендиран од работното место
-
ЕСМ набави струја за 2 недели - ќе плати 10,2 милиони евра
-
Утре почнува амандманската расправа за буџетот
-
Новиот ескпресен пат Крива Паланка - Страцин ќе биде готов до Нова година
-
Наместо да подготвуваат испити, во Пелагонија студентите подготвуваат тенџериња со топла вода
-
Поради недостиг на нафта немаше автобуси викендов, но и денеска на постојките се чека по еден час