Македонија
4. October 2016 - 14:16

Универзитетот „Свети Апостол Павле“ од Охрид ќе соработува со Универзитетот за применети науки на Горна Австрија во Линц

Ректорот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“  од Охрид проф. Нинослав Марина и претседателот на Универзитетот за применети науки на Горна Австрија од Линц“, проф. Гералд Раизингер, потпишаа Договор за соработка помеѓу двете високообразовни институции.

Интенција е договорот да овозможи интензивирање на научната соработка помеѓу двете институции, пред се во насока на трансфер на знаења и технологии и соработка при реализација на научни проекти.

- Универзитетот за применети науки од Линц претставува водечка образовна институции на Горна Австрија и еден од водечките универзитети во Австрија. Меѓународните проекти, приходите од истражувачката работа и публикувањето во релевантни научни списанија се помеѓу најзначајните карактеристики на оваа научна установа. Сметам дека соработката со „Универзитетот за применети науки на Горна Австрија“ нуди големи потенцијали и јас искрено се надевам дека истите ќе ги искористиме на најдобар можен начин во интерес на развој и подигање на реномето на Универзитетот „Св. Апостол Павле“, изјави ректорот Марина.

Потпишувањето на Договорот за соработка со Универзитетот за применети науки на Горна Австрија е дел од иницијативата на раководството на охридскиот универзитет за воспоставување ефективна меѓународна соработка помеѓу Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ и реномирани универзитети ширум светот. Досега во таа нсока се парафирани договори за конкретна научна соработка со над педесет универзитети од Азија, Африка, Европа, Јужна и Северна Америка.