Урнат потпорен ѕид и поплавени подруми во полошкиот регион

Урнат потпорен ѕид врз покрив од куќа, повеќе поплавени подруми од куќи и згради како и повеќе излевања на речни текови што го отежнаа и некаде го прекинаа нормалното одвивање на сообраќајот се последиците од поројнот дожд што вчера го зафати тетовско-гостиварскиот регион, информираше Марјан Јосифовски, портпаролот на СВР Тетово.
Според неговите податоци, околу 20 часот на улицата „Прохор Пчињски“ над православните гробишта во Тетово како последица на дождот се лизнал и урнал потпорен ограден ѕид со висина од 5 до 6 метри и должина од 10 метри врз покривот од куќата на И.И.(71).
Од уривањето била нанесена поголема материјална штета, а немало повредени бидејќи луѓето од куќата претходно биле евакуирани и сместени кај нивни роднини. Увид на местото ќе биде извршен во текот на денот, рече Јосифовски.
Како последица од надојдената вода, синоќа околу 21 часот се излеала Голема Река кај селото Долно Орашје при што бил прекинат сообраќајот на регионалниот пат Јегуновце - Радуша. Утрово околу 8 часот по интервенција на мештаните од селото со механизација патот бил расчистен од наносите на земја, кал и камења и сообраќајот нормализиран.
Околу 20.30 часот се излеала и реката Поника кај селото Доброште поради што сообраќајот на регионалниот пат Тетово - Јажинце се одвивал само по една коловозна лента бидејќи другата била со наноси од земја, кал и камења. Расчистувањето е најавено за денеска.
Околу 19.30 часот во полиција било пријавено дека е можно излевање на реката околу мостот во Долно Палчиште, но со интервенција на селаните со механизација тоа било спречено без последици во нормалното одвивање на сообраќајот.
Во 2 часот по полноќ било пријавено дека се излеала реката Лакашница над селото Србиново при што поплавени биле земјоделско обработливо земјиште како и една штала од која сопственикот од Србиново претходно го извадил добитокот на сигурно. Утрово водата се повлекла и од земјиштето и од шталата по што стоката била вратена назад.
Околу 16 часот вчера било пријавено дека одрон од 2 до 3 кубни метри нанос го блокирал патот Велебрдо - Требиште. И тука со интервенција со механизација одронот од камења и земја бил отстранет и околу 20 часот сообраќајот бил нормализиран.
Ново на Сител
-

Драган Ковачки нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ
-

Тошковски за Сител: Централниот комитет ќе донесе одлуки во интерес на државата
-

Наскоро „Безбеден Град“ во Охрид и Струга
-

Мицкоски ги укинува партиските потпретседатели, Извршниот комитет ќе е поголем
-

Тема на денот со Трпе Дејановски, претседател на УПОЗ
-

Од Букурешт до Кочани - две трагедии, една иста болна лекција
-

Возење без дозволи под лупа
-

Околу 40 тони марихуана се запленети во Скопје и Струмица
