Усогласени нови правила на ЕУ за отпадот од храна и текстил
Претставници на Полското претседателство со Советот на ЕУ и на Европскиот парламент рано изутринава постигнаа договор за ревизија на европската Рамковна директива за отпад, со која се предвидуваат мерки за намалување на отпадот од храна во Унијата до 2030 година и за обезбедување поодржлив текстилен сектор што ќе создава помалку отпад.
Согласно договорот, се предвидува отпадот од преработка и производство на храна до 2023 година да се намали за 10 отсто во споредба со просечните количества на овој тип на отпад создадени во периодот од 2021 до 2023 година.
Дополнително се предвидува и намалување на отпадот на храна од малопродажбата, рестораните, прехранбените услуги и домаќинствата за 30 проценти во однос на истиот референтен период.
Договорот предвидува и поттикнување на доброволно донирање на непродадената храна, која е безбедна за консумирање од страна на луѓето, како важен аспект за намалување на отпадот од прехранбени производи.
Кога станува збор за отпадот од текстил, со договорот се предвидува воведување на хармонизирани правила за производителите на текстил и модните брендови, кои ќе мора да работат на намалување на нивниот отпад, како и да плаќаат надомест за негово собирање и третман.
Сите компании, вклучително и помалите, ќе имаат пристап до потребните ресурси и инфраструктура за правилно третирање на отпадот од текстил.
Компаниите ќе имаат период од две и пол години од стапувањето во сила на изменетата директива за усогласување со предвидените обврски поврзани со отпадот од текстил, додека на микропретпријатијата им се дава дополнително уште една година за да ги исполнат овие услови.
Според полската министерка за клима и животна средина Паулина Хениг-Клоска, која го предводеше преговарачкиот тим на Советот на ЕУ, со овој договор Унијата првпат поставува амбициозни цели за намалување на отпадот од храна и за обезбедување поодржливи системи за исхрана.
– Денешниот договор за отпаден текстил, пак, означува значаен чекор напред кон робусна, циркуларна и конкурентна економија на ЕУ, со почитувње на принципот дека плаќа загадувачот, изјави Хениг-Клоска, чија земја е актуелен претседавач на Советот на ЕУ.
Пред да се премине на постапката за усвојување на новите правила, Советот на ЕУ и Европарламентот треба и формално да го одобрат денеска постигнатиот договор. Штом новите правила и формално ќе бидат усвоени, земјите членки на ЕУ ќе имаат рок од 20 месеци да ги имплементираат во своите национални законодавства.
Според статистичките податоци, секоја година во ЕУ во просек се создаваат над 59 милиони тони отпад од храна, што претставува загуба од 132 милијарди евра. ЕУ, исто така, просечно годишно генерира и 12,6 милиони тони текстилен отпад, од кои дури 5,2 милиони тони отпаѓаат на фрлена облека и обувки, што претставува по 12 килограми отпад по лице секоја година.
Ново на Сител
-
Руте: Европа има важна улога во обезбедувањето траен мир во Украина
-
Мицкоски: Ја разрешуваме неизвесноста во евроинтеграциите со зачестени средби и наши аргументи | ВИДЕО
-
Средба Зеленски-Келог: Силни односи Украина-САД ќе бидат од корист за целиот свет
-
Мицкоски е потврден говорник на годишната Конференција на конзервативците во Вашингтон | ВИДЕО
-
Путин: Во Русија лани за тероризам биле осудени 1.075 лица
-
Првите луѓе на ЕУ ќе го посетат Киев на третата годишнина од руската инвазија
-
Откриено картелско работење
-
Жерновски отповикан од амбасадор во Романија - дознал преку „Службен весник“