Уставен го укина „балансерот“
Уставниот суд вчера на седница донесе одлука за укинување на „балансерот“ - алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Вицепремиерот Изет Меџити, пак, најави дека коалицијата Вреди ќе понуди решение за правична и соодветна застапеност. Евиденција или регистар за етничката припадност во јавната администрација, на нотар „запечатена“ етничка припадност при вработување на кандидатот, бонус-бодови за кандидатот со етничка припадност кој ѝ потребен на институцијата, се само некои од предлозите.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски образложи дека одлуката на судот е донесена со мнозинство гласови и нема да важи ретроактивно. Манипулација, ги нарече, тврдењата дека Уставниот суд укинал права на заедниците.
Со одлуката се укинати одредби од законите за јавен сектор и за јавна администрација, како и подзаконските акти со кои се операционализира темелната вредност соодветна и правична застапеност.
- Во конкретниот случај со оспорените законски и подзаконски одредби, неспорно е дека законодавецот ја операционализирал темелната вредност на нашиот уставен поредок соодветната и правична застапеност. Оваа темелна вредност во нашиот уставен поредок е воведена во 2001 година. Станува збор за интервенција во Уставот која е резултат на неопходноста која произлегла од општествената и уставната реалност тој временски момент. Но исто така, неспорно е дека операционализацијата на оваа темелна вредност по својата суштина и природа претставува она што и во теоријата и во практиката се нарекува афирмативна акција, односно мерка која по својата природа предвидува позитивна дискриминација, рече Костадиновски.
Вториот круцијален момент за одлуката на Судот, како што посочи Костадиновски, била нивната одлука со која се укинаа одредби од Законот за матичната евиденција со кои Судот зазема став дека националната припадност е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо и според Судот, негово лично право е да одлучи дали ќе се изјасни и како ќе се изјасни за сопствената припадност, но и право да одлучи да не се изјасни.
- Третиот битен аргумент е фактот кој е општо познат дека од можноста вработениот во јавниот сектор кој има право да поднесе барање за промена на неговите податоци во Регистарот вклучувајќи го податокот и за припадност на заедница, произлегува дека податокот за националната односно припадноста кон одредена заедница, не може да претставува гаранција за запазување на суштината и правилната имплементација на темелната вредност посветена на соодветната и правична застапеност, рече Костадиновски.
Претседателот на Уставен е дециден дека не може политиката како досега да се поставува над правото, да ги пречекорува со Устав исцртаните рамки, да прави правен хаос, кој создава политички хаос, и кога Судот ќе даде правен одговор на хаосот тогаш да се етикетира или одлуките на Судот да се повод за политичка тензија.
Апелираше до граѓаните, државните органи и политичарите, ако навистина ѝ мислат добро на државата и сакаат правна држава, своите јавно прокламирани ставови за европски стандарди и за владеење на правото, да ги усогласат со нивните дела и дејствија во практика.
Според Костадиновски, јавната администрација е ‘рбетот на државата, а потребата за квалитетни услуги, не познава етничка припадност или било каква припадност, туку стручни, компетентни, квалитетни ефикасни услуги и стручни и компетентни службеници.
По укинувањето на „балансерот“, првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити најавува нова алатка за вработување по етнички клуч.
- По одлуката на Уставен суд за „балансерот“, Вреди веднаш ќе пристапи кон ново решение. Како ќе се именува, дали „балансер“ или закон за правична застапеност, за ова нема дилеми и заедно констатиравме со партнерот (ВМРО-ДПМНЕ – н.з.) дека треба да се води грижа и за квалитетот на кандидатите во јавната администрација за да се изберат најдобрите, но и за правичната застапеност. Владините партнери сè уште немаат усогласено решение како да се заштити правичната и соодветна застапеност како темелна вредност на Уставот при вработувањата во јавната администрација, посочува Меџити во изјава за „Слободен печат“.
Тој потврди дека „Вреди“ веќе има подготвен предлог-закон кој ќе го дадат на јавна расправа.
-Се разгледува во рамките на јавната администрација да се воведе евиденција за етничката припадност, односно да наведат која етничка припадност се кога се вработувааат за да се спречат злоупотреби, со цел да не се повтори ситуацијата при вработување – да се изјасни, на пример, дека е Албанец, а потоа да си ја врати етничката припадност, на пример, Македонец. Но тука треба да внимаваме да не навлеземе во приватноста на вработените. Има повеќе предлози, можно е вработените да поднесат изјава за етничката припадност заверена на нотар. Има систем кандидатите да се бодуваат и, на крај, ако за тоа место е предвидено да биде вработен Турчин, за него да има позитивна дискриминација и на освоените бодови да добие плус 10 и тој да биде примен, рече Меџити.
Тој не се согласува со насоката на Уставен суд дека на конкурсите за вработување во јавната администрација пресуден треба да биде квалитетот, туку дека мора да се внимава и на правичната застапеност. Ова, според првиот вицепремиер, би значело дека ако во некоја институција треба да се вработи Бошњак, тогаш треба да се избере најдобропласираниот Бошњак меѓу кандидатите.
Меџити додава дека заедничка констатација на сите фактори во државата е дека „балансерот“ веќе не е во функција, туку дека има контраефект и оти изминативе години се злоупотребувал.
ДУИ и Алијанса на Албанците на Села против бришењето на балансерот
Демократската унија за интеграции, синоќа пред Уставниот суд, заедно со стотина симпатизери на партијата, одржа вонредна прес-конференција, по одлуката за укинување на „балансерот“. Според портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми, ваквата одлука претставува директен напад врз основните права на заедниците во земјава, и како што рече, ќе има сериозни последици за праведното и еднаквото функционирање на институциите.
– Оваа одлука претставува директен напад врз основните права на заедниците во Република Северна Македонија и ќе има сериозни последици за праведното и еднаквото функционирање на нашите институции, рече Адеми.
Според ДУИ, одлуката на Уставниот суд е тежок удар врз Уставот, Охридскиот мировен договор и мултиетничката стабилност на државата.
- Ова е чекор назад за нашата земја, чекор што ја загрозува иднината на мултиетничката стабилност и хармонијата што ја имаме изградено. Ги повикуваме сите надлежни институции и меѓународната заедница веднаш да реагираат за да ги заштитат правата загарнтирани со Устав и закон и да обезбедат дека еднаквата застапеност ќе биде непроменета, нагласи Адеми, додавајќи дека декларирањето на етничката припадност е неотуѓиво право и неопходен елемент за обезбедување праведна застапеност на сите заедници. Според него, преку ваквата одлука на Уставен се напаѓа принципот на еднаквост..
Реагираа и од Алијансата на Албанците на Зијадин Села посочувајќи дека одлуката за укинување на балансерот е потврда за, како што наведуваат, антиалбанската политика на нелегитимната Влада. - Со оваа одлука се докажува и покорноста и сервилноста на албанските партии во Владата кон ВМРО, ЗНАМ и Стоилковиќ кои уште од првите денови на Владата почнаа со реализација на проектот за деалбанизација на државата, посочија од АА на Села во соопштението до медиумите.
Ново на Сител
-
Министерката Божиновска тврди дека има само македонско и чешко државјанство и оти нема важечки бугарски документи
-
Трамп и Харис имаат завршни митинзи денеска во Аризона и Невада
-
МП: Новиот Кривичен законик е завршен и доставен на мислење до ЕК
-
Приведен тинејџер во Скопје - со уште едно лице украле сеф и избегале со мотоцикл
-
Потврден нов случај на Птичји грип
-
Мицкоски: Од ДУИ ми пишуваа дека пола од тоа што го има ВЛЕН е доволно за да влезат во Влада
-
Мицкоски до Филипче: Вие коленичевте и ја распродававте Македонија, ние се бориме да ја извадиме на прав пат
-
Мицкоски за назначувањето на директор на АНБ: Националната безбедност не заслужува да биде тема во јавноста