Уставен суд го поништи солидарниот данок, државата ќе враќа 49 милиони евра
Стопанската комора ја поздрави денешната одлука на Уставниот суд да се поништи Законот за солидарен данок, одлука со која државата ќе треба да им врати околу 49 милиони евра на фирмите кои го плаќаа данокот изминативе две години.
Од Стопанската комора велат дека ќе разговараат со фирмите, од кои поголемиот дел се нивни членки, дали ќе бараат и камата на парите, на што имаат право.
Од Министерството за финансии соопштија дека нема да ја коментираат одлуката на Уставен, но ќе ги исплатат парите согласно нивните обврски.
- Министерството за финансии нема да коментира судски одлуки, вклучително и денеска донесената од страна на Уставниот суд. Согласно надлежностите како Министерство за финансии ќе постапиме по Одлуката на Уставниот суд по нејзиното објавување во ‘Службен весник’ и ќе ги сервисираме создадените обврски од Буџетот.
Станува збор за 156 компании кои според законот, оствариле приход над 10 милиони евра и имаа поголема добивка за 20% од 4 годишниот просек. Парите беа наменети за антикризни мерки.
Законот за солидарен данок Собранието го донесе во септември 2023-та година, по скратена постапка, со европско знаменце. Стопанската Комора по еден месец од донесување на законот поднесе иницијатива за разгледување на неговата уставност.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар