Македонија
13. July 2022 - 12:27

Уставниот суд го укина членот 12 од Законот за номинирање стратешки партнер

Уставниот суд на денешната седница го укина членот 12 од Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.163/2021).

Во членот 12 меѓу другото е предвидено дека „работното време на секој работник во текот на целиот циклус на Проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината”.

Уставниот суд донесе одлука за укинување на оспорениот член бидејќи, како што се наведува во соопштението од Судот, тоа е во спротивност со темелната вредност владеење на правото предвидена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот,  како спротивен на членот 9 според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Уставниот суд оцени дека со овој член се повредува правото на дневен и неделен одмор, односно дека е во  спротивност со членот 32 став 4 од Уставот.

Подносители на иницијативите се Сојузот на синдикати на Македонија, СГИПРМ и Здружението за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ од Штип. 

И Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) утрово во соопштение до медиумите потсетија дека мора да се зачуваат работниците и работничките права пропишани и загарантирани во Законот за работни односи и Колективните договори утврдени преку социјален дијалог помеѓу Владата, работодавачите и синдикатите.