Утре ќе стигнат дел од дефицитарните лекови на Онкологија
Анексите на договорите се потпишани и можеби уште утре ќе стигнат дел од дефицитарните лекови за онколошките пациенти, вели директорот на Онкологија. За останатите, со Фондот се уште преговараат со производителите и тоа треба да заврши до крајот на неделата.
Не поединци како порано, туку стручниот колегиум од 12 лекари одлучува кој пациент треба да биде на биолошка терапија а по надминување на оваа криза, првиот човек на клиниката се надева дека веќе нема да има патешествија за најтешко болните.
-Недостасуваат лекови како дел од терапијата на 40 до 60 пациенти и верувам дека во најбрз можен рок ќе ја обезбедиме. Дефектурата настана поради зголемениот број на пациенти и прво настана недостаток на еден лек, пациените беа префрлени на друг и сега тој е во дефектура, вели проф. д-р Игор Стојковски, директор на Клиника за Онкологија.
Сегашната краткорочна мерка според надлежните треба да покрие краток период до годишниот тендер кој не треба да дозволи да има повторно криза за лекови.
-Треба да биде премостен период многу краток, да се обебедат лекови за 4 до пет недели и во тој период да бидат направени редовните годишни набавки,вели Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување.
А додека онколошките пациенти чекаат на ветувањата од надлежните, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и денеска продолжија со меѓусебните обвинувања за Онкологија.
-Рашела Мизрахи ја злоупотреби пратеничката функција и го сруши кредибилитетот на Анкетната комисија формирана по барање на нејзината партија ДПМНЕ, која на крај заврши без заклучоци. Се викаа сведоци, се трошеа пари на граѓаните, над 50 седници се одржаа само за сеење лаги и на крај ништо, нема формални одлуки ниту заклучоци од работата на Анкетната комисија. Сега јасно и зошто нема, затоа што цело време се манипулирала јавноста и се сееле лаги. Вистината е дека Мизрахи намерно ги лажела граѓаните, вели Богданка Кузевска - СДСМ.
Одговорноста за Онкологија не е кај Мизрахи, ниту кај актуелните директори на фондот ниту кај актуелниот министер, ниту кај оваа власт.
-Не Филипче, оваа влада не работи „како до сега“ и не работи на реверс со кршење закони и крадење ампули. А за евентуално утврдениот криминал од страна на надлежните, каде се предадени сите документи, не суди Рашела, парламентот, ниту извршната власт туку судот, изјави Рашела Мизрахи, ВМРО-ДПМНЕ.
На Онкологија повеќе од 10 дена има недостиг на 6 лека и пациентите побараа не краткорочни емерки туку долгорочна стратегија.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар