Утре средба Сиљановска-Давкова – Јотова во Софија, премиерот претпазлив
Разговор Скопје - Софија на највисоко ниво утре во бугарската престолнина. Претседателките на двете држави Гордана Сиљановска-Давкова и Илијана Јотова ќе се сретнат на маргините на самитот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ). Според агендата, средбата треба да се одржи во попладневните часови.
Додека шефицата на државата го крши мразот на највисоко ниво откако Бугарија конечно доби стабилна, легитимна влада, на министерско ниво во Софија нема да има средба, иако во македонската делегација е и министерот Тимчо Муцунски, кој ќе биде дел од министерскиот состанок.
Премиерот претпазлив. Вели, не знае што да очекува од утрешната средба. Рече, резултатите од работата на Владата полека доаѓаат.
„Тоа што е наша стратегија за реализирање на овие цели полека се случува. Се разбира дека јавно нема да зборувам многу за деталите. Така што, да сумирам, јас не знам што би можел да очекувам. Како човек очекувам да имаме добрососедски односи со сите соседи, како претседател на Влада ќе сторам сѐ што е во наша моќ, прво да го заштитам интересот на граѓаните, да го заштитам идентитетот и интересот на државата. И второ, нормално, да градам добрососедски односи со сите наши соседи на основа на принципот на двонасочна улица“, изјави Мицкоски.
Средба Сиљановска-Давкова - Јотова се реализира во исклучително специфичен период кога на маса се наоѓа најновиот француско-германски нон-пејпер. Овој нов модел нуди систем на постепена интеграција на земјите од Западен Балкан каде што секој постигнат реформски напредок дома носи предвремен пристап до Единствениот европски пазар и пристап до програми, многу пред официјалното членство.
Француско-германскиот предлог сепак не ги заобиколува уставните измени, кои остануваат услов за Македонија да ги користи овие бенефити.
Откако Бугарија по осум обиди во последните пет години доби стабилна влада, досега официјална средба на релација Скопје – Софија имаше само шефот на дипломатијата кој во Шведска се сретна со неговата колешка Чамова – Петрова. По враќањето во Скопје Муцунски кажа дека на средбата станало јасно оти уставните измени не се единствената препрека пред Македонија на патот кон ЕУ.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
