Свет
7. July 2023 - 8:46

Велика Британија најавува нов режим на санкции против Иран

Велика Британија синоќа објави нов режим на санкции против Иран, насочени кон оние кои учествуваат во носењето одлуки, од кои некои се вклучени во трговијата со оружје и им се закануваат на британските државјани.

Сегашниот режим на санкции против Иран се фокусира на човековите права, но со новите предлози ќе се прошири опсегот на критериуми.

Според новиот режим, кој ќе биде усвоен оваа година, поединци и компании ќе подлежат на санкции доколку придонесат за загрозување на мирот и стабилноста на Блискиот Исток и другите земји.

– Денес, Обединетото Кралство испрати јасна порака до режимот: нема да толерираме такво однесување и ќе мора да одговарате. Благодарение на нашиот нов режим на санкции, оние кои сакаат да ни наштетат повеќе нема да имаат каде да се кријат, рече британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли.

Според новите критериуми, санкциите можат да бидат насочени и кон оние за кои Британија тврди дека учествуваат во иранските обиди да ја загрозат демократијата и владеењето на правото во Обединетото Кралство, како и во активности насочени против британскиот народ и имотот или британските сојузници.

Велика Британија тврди дека Иран се обидел да киднапира, па дури и да убие британски државјани или поединци кои живеат во Британија најмалку 15 пати од почетокот на минатата година.