Македонија
23. July 2019 - 9:10

Владата денеска дава зелено светло за новиот закон за ЈО

Владата на денешната седница на предлог на Министерството за правда ќе ги разгледа Предлог – законот за јавното обвинителство, како и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија.

Новиот закон за јавното обвинителство предвидува интегрирањето на Специјалното јавно обвинителство и Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела територија на земјата и гаранции за самостојно дејстување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Сите обвинители од СЈО можат да продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат. Истото важи и за останатиот персонал, а архивата, опремата ќе бидат префрлени во новото обвинителство.

Јавното обвинителство за гонење криминал и висока корупција ќе биде надлежно за најсложените форми организиран криминал и висока корупција, позната како корупција на белите јаки, велат од Министерството за правда.

Со преодните одредби, предвидено е законот да отпочне да се применува на 15 септември.

На денешната 146-та седница на Владата на Република Северна Македонија ќе биде разгледана Информација за започнување постапка за воспоставување на јавно приватно партнерство за реконструкција на МХЕЦ „Глажња” и МХЕЦ „Липково”.
Членовите на Владата денеска ќе донесат одлука и за Предлог – законот за ратификација на Спогодбата помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за учество на Република Северна Македонија во “Европскиот корпус на солидарност”.

Министерството за надворешни работи како точка на дневниот ред на денешната седница го предлага Предлог – законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце (Република Северна Македонија) – Прешево (Република Србија).

На предлог на Министерството за внатрешни работи за оваа седница доаѓа Информацијата во врска со потребата од спроведување процес на проверка (ветинг) на вработените во Министерството за внатрешни работи во Република Северна Македонија.

Министерството за информатичко општество и администрација за оваа седница ќе ја презентира информацијата за модернизација на единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР и воведување на нови форми за вклучување во процесот на креирање на политики.