Владата го поздравува изборот на нова влада во Софија, но со резерва за можен напредок во разговорите
Владата го поздравува изборот на новата влада во Бугарија. Порачуваат дека остануваат посветени на разговорите, но велат дека досегашното искуство не остава многу простор за конкретни очекувања.
Како Влада упатуваме честитка за изборот на соседна Бугарија, но со оглед на искуството сме резервирани, претпазливи, но и отворени за дијалог на принципиелни основи кои ќе гарантираат заштита на нашиот идентитет и црвени линии.
Истиот став го повторија и од штабот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ прашуваат кои се следните чекори на македонската влада.
По формирањето политичка Влада во Бугарија, македонската влада ја доби можноста којашто ја бараше, да има соговорник од другата страна со потполн политички легитимитет. Сега очекуваме власта да каже кој е планот за продолжување на европскиот пат на земјата. Ако има решение со подобрени наши позиции, ние ќе го поддржиме, стои во стваот кој го добивме од СДСМ.
Изборот на бугарската влада го поздравија и од ДУИ, но приликата ја искористија за повторно да побараат предвремени избори за како што велат, и Македонија да добие легитимно раководство.
Формирањето на политичка Влада во Бугарија по години техничка администрација е позитивна вест. Сега останува и Северна Македонија да добие легитимна влада преку предвремени избори, која ќе ја одразува волјата на двете најголеми етнички заедници. Со тоа ќе се создадат цврсти темели за подобрена билатерална соработка и понатамошен напредок во европската интеграција, велат од ДУИ за Сител.
Премиерот Мицкоски повеќепати изминатите месеци порача дека уставни измени со одложено дејство е едно од можните решенија за одблокирање на македонската европска интеграција, но за конкретни разговори во оваа насока ќе чекаат формирање на стабилна политичка влада во Софија. Ваквото очекување му го пренесе и на Бојко Борисов во телефонскиот разговор по неговата победа на изборите во Бугарија на крајот на октомври.
-
Деспина Tодоровска
Сите содржини од овој новинар