Македонија
7. April 2021 - 16:52

Владата не се откажува од набавка на медицински хеликоптери, претходната пропаднала поради пандемијата

Поради пандемијата пропаднал договор за набавка на двата хеликоптери кои требаше да служат за здравствени услуги на граѓаните, тврдат од Владата. Кризата трае долго, а  токму тоа ги спречило и Владата и операторот да го спроведат договорот. Уверуваат дека нов оглас ќе има, но дури кога ќе помине пандемијата.

Договорот за воспоставување на јавно приватно партнерство за формирање на современа модерна организациска платформа како ефикасен носител на хеликоптерски итен медицински систем во Република Северна Македонија и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување е раскинат со одлука на 26-та седница на Владата. Спроведувањето на договорот, којшто налагаше обврски од двете страни – државата и операторот, не беше возможно поради долгото траење на пандемијата и затоа е раскинат.

Од Владата велат дека расчистување и одговорност за случајот со починатиот овчар од село Емирица мора да има. 

Од Кабинетот на вицепремиерот за борба против корупција и криминал Љупчо Николовски веќе се испратени дописи и се побарани детални извештаи за случајот од градоначалникот на Општина Кратово, од Центарот за управување со кризи и од МВР. За трагичниот настан од ЦУК и од МВР е побарано да се спроведе внатрешна контрола за проверување на надлежните службеници за случајот. 

63 годишниот овчар кого итната медицинска помош 5 часа го носеше на импровизирана носилка почина вчера во болницата во Штип.