Владата сака независно тело да пресметува официјална потрошувачка кошница
Владата сака независно тело да пресметува официјална потрошувачка кошница. Планот е ја креираат синдикатите, Државниот завод за статистика, Организација на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии. Ова е договорено на денешниот економско-социјален совет.
Кошничката од 2010 година ја креира ССМ. Првиот човек Трендафилов вели и понатаму ќе си прават своја пресметка.
„Ако грешката во кошничката е тоа што има ставено сезонски овошја, ако грешката е што има ставено еден газиран сок и еден густ сок за нашите деца, ако грешката е тоа што можат да јадат четири хамбургери нашите деца во текот на месецот или ако јадат децата, ние родителите само ќе гледаме, тогаш слободно можат да направат нова методологија и нова пресметка“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ
Договор за минималната плата нема. Бизнисмените бараат државата да субвенционира дел од придонесите ако се бара повисок износ на минималецот од тоа што предвидува законот. Синдикатите прифаќаат и се на став дека заедно со минималецот треба и другите плати да растат.
Интересно е тоа што по седницата, работодавачите кажаа дека Владата го одбила таквиот предлог и простор за дијалог нема, а синдикатите рекоа дека преговорите продолжуваат.
„Беа против ваквата одлука. На следната седница ќе биде одлучено законски“ – Владанка Трајковска, претседателка на Организација на работодавачи
„Не беше отфрлен ваквиот предлог. Се дискутираше само по однос на предлогот на ССК и имајќи предвид дека тие не се дел од социјалниот дијалог веројатно со нив ќе разговараат на засебни состаноци“ – Слободан Трендафилов, претседател на ССМ
Министерката за финансии во петокот кажа дека придонесите се обврска што треба да се плаќа кон државата и тоа не е предмет на договор. Според неа, во земјава се плаќаат придонеси пониски од соседството и нема потреба од измени.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар