Македонија
7. October 2019 - 17:31

Владата со предлог за нови 10 отсто на платите од април, СОНК ќе одлучува дали е прифатлив

 Владата и Министерството за образование и наука на Синдикакот за образование, наука и култура (СОНК) му понудија зголемување на платите во образовната дејност за 10 проценти од април 2020 година. Тоа е исходот од средбата што попладнево се одржа во Владата помеѓу премиерот Зоран Заев и министерот Арбер Адеми со претседателот на СОНК, Јаким Неделков. За понудениот предлог СОНК ќе го запознае членството и од него ќе зависи дали е прифатлив или не.

Адеми и Неделков во изјава за медиумите рекоа дека средбата била конструктивна. Според министерот, новите 10 проценти од април ќе бидат дополнителни на двете претходни зголемувања од по 5 проценти (ланскиот и овој септември). Неделков, пак, рече дека секогаш може повеќе.

-Јас би кажал дека  ова е историско покачување  на платите  во дејноста образование. Конкретниот предлог е од април платите да бидат покачени за дополнителни  10 проценти, почнувајќи од  основно, средно, високо и наука, изјави Адеми. Рече дека предлогот утре ќе биде разгледан и на седница на Владата. Ќе ја чекаат одлуката на Советот на СОНК за, како што рече, да бидат информирани за исходот од преговорите. Нагласи дека со донесените закони се залагаат за кариерен развој и за подобрување на материјалниот и социјалниот статус на наставниците.

Лидерот на СОНК, Неделков, рече дека одлуката дали ќе го прифатат или не овој предлог за 10 отсто од април ќе ја знаат до крајот на оваа или на почетокот на наредната недела. Рече дека за понудениот предлог Советот на СОНК ќе расправа уште утре, а потоа ќе чекаат повратен одговор од нивното членство.

-Неколку дена ќе ни требаат за да одговориме на предлогот и да кажеме дали сме задоволни или не. Тоа е процедура која ќе трае до крајот на неделава или до почетокот на наредната. Предлогот ќе биде утре на седница на Советот на СОНК; потоа до членството и тие треба да дадат виза за прифаќање или отфрлање, рече Неделков. Како што рече, лично тој секогаш е за повеќе, посочувајќи дека остануваат уште неколку проценти од понудените за да стигнат до процентот за колку што е зголемена минималната плата.

Барањето на СОНК од почетокот на учебната година беше зголемување на платите на наставниците за онолку проценти за колку што е зголемена минималната плата во државава, односно до 25 проценти. Синдикатот на првиот училишен ден одржа предупредувачки штрајк со најава дека тој ќе биде генерален ако за еден месец не биде постигнат договор со Владата.