Власта и опозицијата остануваат на спротивни позиции околу гласањето на дијаспората
Нов повик на премиерот Мицкоски до опозицијата да го одблокира носењето на Изборниот законик, кој е дел од реформската агенда поврзана со ЕУ. Мицкоски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена, за да се постигне политички консензус, да ги прифати сите барања на опозициските СДСМ и Левица, освен црвената линија за електронско гласање на дијаспората.
-„Навистина жалам, нашата порака беше јасна: Кажете сѐ, сѐ ќе прифатиме, но наша црвена линија е гласањето на дијаспората, бидејќи дијаспората мора да се чувствува поврзана со својата татковина, затоа што наша цел како Влада е, еден ден таа дијаспора да си ја вратиме дома. Се надевам, конечно Коалицијата СДСМ – Левица ќе се осмелат, ќе ги остават своите политички мотиви, ќе се вратат во Парламентот, сѐ уште има време и оваа реформа да ја испорачаме. Јас сум убеден дека политичките интереси ќе ги остават на страна и ќе ги стават како приоритет националните интереси.“
Засега без одговор од власта, пак, е вчерашниот предлог на лидерот на СДСМ, Филипче, да се формира експертска работна група која ќе работи на предлогот за дијаспората, бидејќи и онака тие одредби треба да се применуваат од 2029 година.
Но, и покрај повикот на Мицкоски, опозициските СДСМ и Левица не отстапуваат од речиси 14 илјади амандмани со кои вчера ги блокираа изборните правила.
Од СДСМ обвинуваат дека власта преку, според нив, неконтролиран систем на електронско гласање на дијаспората го загрозува целиот изборен процес за да надомести изгубени гласови дома.
-„Додека секој граѓанин кој гласа во татковината минува низ строга процедура – проверка на личен документ, потпис во избирачкиот список и идентификација со отпечаток од прст, Мицкоски сака за околу 200.000 потенцијални гласачи во дијаспората да нема исти правила и да нема никаква контрола. Без да се гарантира дека гласот е даден лично, со можности за злоупотреби од ВМРО, со притисок, со присуство на други лица и злоупотреба на идентитетот на гласачот. Да не може да се гарантира ниту дека е почитувано основното демократско право – тајното и слободно гласање.“
Од таму додаваат дека СДСМ не ја спречува дијаспората да гласа и дека таа има избирачко право и сега.
Од Левица, пак, велат дека електронското гласање на дијаспората намерно е вметнато – вештачки спор околу прашање што никогаш не било дел од реформската агенда, со цел да се скратат парите за Левица.
- „Причината е очигледна. Со свесното туркање кон пропаѓање на измените на Изборниот законик останува во сила постојниот модел кој најмногу им одговара на поголемите партии. Тој го задржува нерамноправниот изборен натпревар и, меѓу другото, овозможува Левица и на следните избори да остане единствената парламентарна партија со пратеничка група која ќе биде лишена од можноста и средствата за рекламирање, додека сите останати учесници ќе располагаат со таа можност“, коментираат од партијата на Апасиев.
Според последните информации од Собранието, за да бидат архивирани и преведени сите амандмани ќе бидат потребни неколку недели. Но, дури и кога ќе заврши тој процес, без повлекување на опозциските амандмани, речиси е извесно дека дебата за новите изборни правила нема да се случи.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
