Власта и опозицијата побараа Ахмети да каже каде е Груби
Ообвинителството да го повика Ахмети за да сподели информации за локацијата на Артан Груби.
Повикот на премиерот доаѓа откако вчера, лидерот на ДУИ во интервју за косовски медиуми рече дека Груби ќе се врати во Македонија ако врз него не се применувала одмазничка правда, додавајќи дека располага со информации дека Груби во моментов е во Албанија.
„Домашните и меѓународните органи задолжени со извршување на тие наредби ги имаат сите овластувања да ги преземат сите неопходни дејствија за трагање по лицето, вклучително и да повикуваат и да вршат разговори со други лица кои би можеле да имаат некои сознанија за локацијата на која се наоѓа осомничениот“ – велат од Обвинителството префрлајќи му ја топката на МВР.
Од МВР велат дека се преземаат сите мерки за пронаоѓање на Груби. Не откриваат дали и кога ќе го повикаат Ахмети но прецизираат дека ќе бидат повикани сите кои што би можеле да дадат придонес во враќањето на Груби во Македонија.
Ахмети да биде повикан во полиција утрово побараа и од СДСМ.
„Откако лидерот на ДУИ застана во одбрана на Груби, повеќе од јасно е дека самиот тој е добро информиран за тоа каде е Груби и има важни информации за случајот. Зошто обвинителството и Тошковски не го повикуваат Ахмети да даде изјава? Како е можно и Ахмети и Меџити да знаат каде е Груби само Тошковски да е целосно незапознаен?“ – прашуваат од СДСМ во писмено соопштение.
Артан Груби на 15 декември побегна во Косово. Освен еден пост на социјалните мрежи дека е чист како солза, до денеска од него нема ниту трага ниту глас. Обвинителството го сомничи за криминал тежок над 8 милиони евра за што веќе му е одреден и 30 дневен притвор.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар