Бизнис
21. March 2020 - 16:52

Власта и опозицијата сложни за потребата од задолжување

Државата ќе се задолжува за околу 600 милиони евра кај меѓународните финансиски институции и комерцијални банки, со цел што поскоро да се обезбедат пари за справување со последиците од корона кризата. Заменик министерката за финансии од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска, веќе ги потпишала барањата за заем од ММФ во висина од 87 милиони евра, од Светска Банка за износ меѓу 100 и 120 милиони евра, како и од странските комерцијални банки за сума до 400 милиони евра. Според неа, барањата ќе бидат испратени веќе во понеделник, бидејќи потребна е итна финансиска инјекција.

Лидерот на најголемата опозициска партија на својот официјален фејсбук профил напиша дека сега е време кога треба одговорно да се однесуваме.

“На компаниите и државата во овие кризни времиња и се потребни пари, затоа задолжувањето на Владата иако непопуларна, но е единствена опција во овој момент за да му се помогне на стопанството. Нема да пишуваме писма до кредитобарателите за откажување на задолжувањето како што тоа го правеше СДСМ кога беше опозиција, туку ќе ја поддржиме владата во намерата да обезбеди финансиски средства за сервисирање на потребите на фирмите во периодот на кризата”, напиша Мицкоски.

Од кабинетот на министерката за финансии Нина Ангеловска го потврдуваат планот за задолжување.

“Ќе ги користиме поволните фондови на ММФ и Светска банка како и поволни финансиски инструменти, како што и претходно на прес конференција кажа министерката за финансии Нина Ангеловска. Со средствата ќе се поддржат нови мерки и ќе се одржи ликвидноста”, пишува во соопштението од Финансии.

Бизнис секторот алармира дека потребни се итни мерки за реалната економија да се зачува во живот.

Претходно Владата веќе донесе еден пакет мерки за помош на стопанството. Ќе се обезбедат бескаматни кредити со грејс период од шест месеци, како и субвенционирање на половина од придонесите за вработените во најпогодените сектори во наредните три месеци.

Но опозицијата бара државата да покрие 50% од трошоците за вработените, како за придонеси, така и за плати, но и да се замрзнат плаќањата на рати кон банките и заемодавателите.