Македонија
21. February 2024 - 19:53

ВМРО-ДПМНЕ бара итно да се продолжи рокот на пасошите - ЕУ ќе имала разбирање за Македонците со стари документи

Итно да се донесат измените на законот за патните исправи - пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ бара спикерот Митревски веќе на следната седница да го стави нивниот предлог на дневен ред, а мнозинството гласа „за“ да се продолжи рокот за важење на старите пасоши до крајот на годината.

Пратеникот Антонио Милошоски обвинува дека СДСМ и ДУИ намерно го одолговлекуваат процесот, а требало само да се промени датумот, како што беше случај и со возачките дозволи.

Од СДСМ пак не попуштаат – обврските преземени со преспанскиот договор морало да се почитуваат. Таквите обврски не можеле да се менуваат со закон.

Додека законот е заглавен во собрание, ЕУ со допис до МВР известила дека ќе имаат разбирање за македонските граѓани кои се во европските земји со старите пасоши. Министерот Тошковски во изјава за Сител вели дека земјите нема да прават проблем, но граѓаните штом влезат во Македонија, нема да можат да ја напуштат државата со стари документи.

Османи пак вели погрешно била интерпретирана веста од Брисел. Државите сами одлучувале како се однесуваат со македонските граѓани на нивна територија. Досега единствено Босна и Херцеговина известила дека не ги признава старите македонски пасоши и лични карти. Османи бара наместо менување на закони, да се забрзала набавката на образци за пасошите со „северна“.

Тошковски е оптимист дека до крајот на годината, доколку сè биде во ред со машините и со испораката на обрасците, ќе може да се обноват сите пасоши.

А повеќе од десет дена измените на законот за патни исправи е заглавен во собраниските архиви. Спикерот Митревски не ги става на пленарна седница со образложение дека текстот на измените се уште се преведува.