Бизнис
14. January 2017 - 15:26

ВМРО-ДПМНЕ: Девизниот прилив од странски туристи 220,3 милиони евра во 2016

Девизниот прилив од странските туристи во периодот јануари-ноември 2016 година достигнал 220,3 милиони евра или 15 милиони евра повеќе од 2015. Бројот на туристи лани во споредба со 2005 година е зголемен за 2,5 пати, истакна денеска на прес-конференција Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ.

- Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, Скопје и Охрид се најпосетуваните туристички дестинации. Тоа само покажува дека туристичката понуда во Скопје и во туристичките места е значително подобрена, што само по себе е демант на сите лаги и манипулации кои СДСМ сакаше да ги продаде во јавноста за оправданоста на проектите кои во годините наназад се реализираа, рече Пешевска. Таа додаде дека континуираниот раст на бројот на туристи во државата е резултат на напорите и вложувањата на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Пешевска потсети на досега реализираните проекти од ВМРО-ДПМНЕ, како реконструкција на аеродромите „Александар Велики“ и „Св. Апостол Павле“, субвенционирање евтини авиолетови, се инвестирало во сообраќајната и туристичката инфраструктура во државата, се доделиле субвенции за привлекување странски туристи, а ДДВ-то за туризам се намалило од 18 на 5 отсто. 

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи, инвестираше во зголемување на туристичките содржини и понуди, односно градење нови плажи, музеи, изградба на туристички комплекси и слично.

- За жал не можеме да компарираме со резултатите во оваа област од времето на СДСМ, затоа што во голема мера овие бројки и проекти кои денес се реализираат или не постоеле како ставки во времето на нивното владеење или биле неспоредливо поминорни, рече Пешевска. Најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да инвестира и реализира проекти од областа на туризмот.